Од минатиот месец во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите во Македонија е сместена постојаната изложбена поставка. Поставката се реализира по повод 76 години од депортацијата на македонските Евреите во логорот на смртта Треблинка.
На свеченото отварање му претходеше оддавање почит пред споменикот на депортираните македонски Евреи во скопски Монопол, кој за време на Втората светска војна бил адаптиран во транзитен камп од каде што започнала депортацијата на македонските Евреи кон логорот на смртта Треблинка. Во склоп на програмата се одржаа комеморации и во градовите Штип и Битола каде беа положени цвеќиња пред спомениците на депортираните македонски Евреи и се одржаа маршеви.
Меѓутоа, она што останува е постојаната поставка која после неколку години од отварањето на Музејот на Холокаустот во Македонија (2011) успеа да се направи. Поставката содржи сведоштва на страшниот прогон од суровиот период на истребување на Евреите, кои како сенка се провлекуваат во животот на овој народ и 76 години подоцна. Поставката е отворена секој ден освен понеделник од 09-19 часот а недела од 9-15 часот за посетители. Групните посети треба да се закажат на броевите во Музејот.