Фестивалот „Литера“, кој го организра Центарот за визуелна комуникација, вчеравечер во објектот на Мала станица, беше отворен со изложбата на единствениот македонски сликар Димитар Кoндовски. Неговиот детски свет тој го предочи на многу генерации преку неговите илустрации и единствениот обичен но суштински илустративен јазик со кој ги обликуваше книгите за деца. Магичниот, надреалниот илустративен јазик на Кондовски, е едноставен и допира со радост на секое дете но и на возрасните и токму затоа неговите илустрации се живи соништа на многу генерации деца, кои нивната фантзија ја пренесуваат во иднината .„Зоки Поки“, „Алиса во земјата на чудата“, „Колибата на чичо Том“, „Белото циганче“….се само дел од книгите кој со својата специфична и нелимитирана даровитост за децата ги илустрираше Кoндовски.
Публиката која дојде да ја поздрави првата ретроспективна изложба на илустрации на Кондовски ги испочитува сите протоколи за здравствена заштита, го отвори волшебниот свет на доајенот на македонската ликовна уметност пред некогашните, но и денешните деца.
Софија Семенпеева-Трајановска, основач на фестивалот „Литера“ се заблагодари на поддршката на Ѓоргиевска, на директорката на Националната галерија Дита Старова-Ќерими, на семејството на Кондовски и на својот тим.
–„Литера“ е проект кој долги години се подготвување и во процес на создавањето ја баравме совршената форма. Ќе бидеме борци и истрајни во намерата зошто важноста на литературата и илустацијата е огромна за раст и развој на идните генерации. Здраво општество и културни вредности се градат со работа уште во најмала возраст. Креирајќи го концептот на „Литера“, одлучивме дека покрај изложбата на актуелни илустратори, секоја година ќе има и ретроспективен дел во кој пред македонската публика ќе им оддадеме почит на нашите доајени на илустрацијата. Минатата година имавме групна изложба на која беа застапени повеќе автори, па така годинава решивме дека Кондовски е прв во низата од оние што заслужуваат целосна поставка. Изложбата е едно убаво временско патување и потсетување за еден многу важен дел од нашето културно наследство и богатство. Верувам дека оваа изложба ќе инспирира многумина и ќе разбуди убави емоции. Во крајна линија, ќе ги натера генерациите што се сега родители да пробуричкаат низ своите стари библиотеки, бидејќи огромна е веројатноста таму да има книги илустрирани од великанот Кондовски – вели Семенпеева-Трајановска.
На почетокот од отварањето присутните ги поздрави првата дама Елизабета Ѓеоргиевска која покрај другото на присутните ги упати зборовите: Вечерва ја доживувам како празник на кој се слават двете клучни нешта кои од искона го определуваат човековото постоење: зборот и сликата“.
Од денеска фестивалот започна со реализацијата на работилници за деца. „Емоцијата има своја боја“ е ликовна работилница наменета за деца од 7 до 9 години, која денес и утре во Даут-пашиниот амам ќе ја реализираат Маја Димитрова и Моника Гошева.