Денеска во Домот на културата „Браќа Миладиновци“ во Струга во организација на Културниот центар „Бран“ – Струга и Меѓународната ревија за литература „Бранувања“ се одржа Послание во чест на писателот Петко Шипинкаровски (1946-2020). Посланието го водеше Мишо Китаноски, а презентер беше Верица Мукоска.
На Посланието беа промовирани двете постхумно објавени книги: поемата „Обденица“ и збирката раскази „Вечен живот“.
Поемата „Обденица“ беше промовирана од проф. д-р Димитар Пандев, а за збирката раскази „Вечен живот“ , говореа проф. д-р Даниела Андоновска – Трајковска и проф. д- р Весна Мундишевска – Велјановска. Беше истакнато дека Петко Шипинкаровски беше голем посветеник на македонската литература. Многу енергичен човек, со обемно литературно творештво кој даде голем влог во ревијата „Бранувања“ и меѓународната манифестација „Струшки книжевни средби. Позади себе остави отпечатени преку 30 книги. Шипинкаровски со својата литературна дејност носеше живост и свежина во културниот живот и изгради книжевни врски со многу негови соработници од повеќе земји. Без сомнение, неговото заминување е празнина во македонскиот литературен простор, зачувувач на македонските архаизми градејќи вредни сочиненија за македонската современа литература. Во меѓувреме, настапија и познати македонски автори, кои читаа песни посветени на Петко Шипинкаровски.
Пред крајот на посланието, во знак на почит и влог во реализацијата на програмите, главниот организатор Димче Шипинкаровски истакна посебна благодарност до: Министерката за култура Ирена Стефоска ; ,,Друштвото на писатели на Македонија” ; ,,Здружението на новинарите на Македонија’’; ,,Друштвото на писателите на Србија’’; ,,Книжевното друштво на Косово и Метохија“ (каде беше почесен член); ,,Сојузот на независни писатели на Бугарија’’ (каде беше надворешен член) ; ,,Здружението на писатели „Седумка“ од Франкфурт“ ; „Хрватското книжевно друштво од Риека”, како и до други истакнати поединци. Од негова страна, им беа доделени и Златни благодарници на добитниците.
На крајот од посланието, беше разгледана и изложбата на портрети и фотографии од животот на Петко Шипинкаровски, како и насловните страници на ревијата „Бранувања“.