Запис од најмалиот континент – од градот Мелбурн

Мелбурн е втор град по густина на население во Австралија, со прекрасни пејзажи. Квалитетот на водата за пиење е на високи 84.8%, а квалитетот на воздухот е на 83.5%. Мелбурн е финансиски и економски центар со висок стандард на живот, а во 2013 година беше прогласен за најдобар град за живот на најмалиот континент.

Ова е краткото инфо за Мелбурн. Но, како го живее Мелбурн нашиот соработник и пријател Гордана Стаматова, која пензионерскиот живот одлучи да го живее далеку од родната Битола, во која  со години беше посветена на Пионерскиот дом, Фестивалот СИ-ДО, и како директор на оваа институција за деца направи да се памети.

Убавите пензионерски денови, освен што ги исполнува со грижата за своите внуци, таа многу чита а минатата година ја издаде и својата збирка поезија “Интима”. Овој пат за www.kulart.mk, со запис  Мелбурн и Јас.

-Има еден цветен свет со раскошна вегетација, кој е обиколен со сините води на Тихиот Океан, крстопат е на ветровите, а се протега под небесниот свод со променливи бои. Тоа е панорамата на петтиот континент Австралија- земја на староседелците Абориџини, соседи на пингвините.

Чувство на возвишеност дава животот на овој распространет простор, кој се протега во колоритот на природата и водите на океанот. Живеам и го доживувам тоа чувство, тука во Мелбурн, еден од најубавите метрополи на Австралија, кој лежи на најголемиот залив на светот. Го впивам морскиот солен вкус на воздухот, се восхитувам на убавините на природата, се восхитувам од мирисот на разновидните цветни дрвја, за кои не постои лимит на годишно време, тие постојано цутат и ја покажуваат својата раскошна убавина. Наспроти нив, во зимските денови, спијат заспаните листопадни оголени стебла кои го чекаат своето обновување.

Шетајќи низ убавиот парк се воодушевувам  од спокојот на околината. Сликата на природата е една статична слика, но за миг немирниот палав, некогаш јак и бесен ветар, со својата сила  ја разбива монотоната статичност. Тогаш низ тој простор се појавува едно ново чувство, дека небото е достапно и можам за миг да го допрам.Тогаш чуствувам како земјата е небото да се во бескрајот сплотени, заедно во недопирливата дiмензија на секој од нас.Така во тој миг станувам дел од бескрајот кој безусловно го чувствувам.

Мелбурн е најкосмополитскиот град во Австралија. Тој е културолошка, интернационална и универзитетска метропола, со голема уметничка душа. Домаќин е на традиционални спортски и уметнички настани. Во архитектонска смисла градот има свој имиџ. Тој е  со претежно еднокатни куќи обиколени со пространи дворови и ниски огради, за да може минувачот да ги напојува очите и душата со цветните градини и стебла.

Центарот на градот доминира со висококатници кои се натпреваруваат да го достигнат небото. Градот живее во секојдневно изведување на некоја манифестација, разни перформанси, гостувања со различна тематика, живи статуи и многу музика.

Убави се прошетките и учеството на тие перформанси. Тие ја  пренесуваат позитивната креативна уметничка душа. Кога сум на некој настан во тој дел, со сета таа маса што учествува или дошла да се забавува, нависитна се чуствувам како граѓанин на светот.

Карактеристичен е плоштадот на Федерацијата, кој е украсен со футуристичка архитектура. Тоа е своевидна распослана ширина во центарот на градот, собир на младоста. Моето восхитување е најголемо кога ќе успеам да ги слушнам звуците на абориџинските дувачки инструмент дидуриду –  за мене тоа е своевиден силен повик на пустината.

Секоја прошетка низ природата и пространите улици ја доживувам како моја обнова, вдахнување на свежина, оживување – предизвик на монотонијата, која знае да ме  обземе.

Секој ден сум се повеќе горда што сум дел од мултинационалната толпа и динамика што несебично ја дава метрополата Мелбурн.

Несомнено е дека овој ГРАД ми даде можност да го чуствувам како свој ДОМ.

Гордана Стаматова

Дел од фотографиите се од архивата на Гордана Стаматова

 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.