Изожба на Владимир Здравески- Мигот кога видливи стануваат виножитните бои во уличниот вир

ГОЛЕМИОТ СВЕТ НА МАЛИТЕ НЕШТА

(кон ликовната изложба „Микропанипулации“ од Владимир Здравески)

Лакомо заитани  кон големото, кон широкото, кон пространото, си дозволуваме малото, ситното и тесното за нас да останат засекогаш незабележителни, невидливи и неразбрани. А што е големо и што е мало? И капката вода е океан. И невидливото семе од борот е столетен бор што ги љуби облаците, Малото-како почеток на сѐ. Малечката клетка е основа на секое живо суштество и без неа не може да се создаде ткиво, без ткивото нема органи, а без органите нема организам.

И колку е сѐ  поразбирливо,  колку е животот полесен и поубав кога човек ќе тргне да се спознае себе и спознавајќи ги сите малечки делчиња ќе успее да го погледне големото лице на светот.

За очите на ликовниот уметник Владимир Здравески (1996) видливи се оние секојдневни, незабележителни нешта како виножитните бои во уличниот вир, мрснотијата на тавчето за пржење  и оние ситни цртички по кожата на кои не им посветуваме внимание дури ни кога ги лакираме ноктите и ги мачкаме рацете со крем иако тие постојано гледаат во нас.

И тука е едновремено и филозовското прашање на авторот, а и одговорот што тој го извлекува и преку своите дела им го нуди на восприемачите на изложените дела. Токму преку микроманипулациите како што е и насловена изложбата Здравески ја прикажува дребноста на големите нешта и јадроста на малите нешта и нѐ повикува на дискусија за перцепцијата. Притоа тој со визуелни техники манипулира за да ја постигне саканата естетска, уметничка и филозовска цел, но во никој случај не манипулира со публиката туку отвора прашања, поттикнува на размисла и насочува кон вистината.

Кога  сите делчиња (Parricles) ќе се спојат се добива едно цело. Создавањето на целото е процес (The process) кој има свој почеток и крај (Momentum). Целото твори круг а кругот е совршенство. Совршентвото е грижливо заштитено со епителот (Еpictelium) кој знае што треба а што не треба да се пропушти во јадрото на целината. Но, за да се сфати кругот понекогаш (или можеби секогаш?!) треба да се излезе од него (In-out).

Целосниот концепт на изложбата е издржан од повеќе аспекти и тоа користените материјали за создавањето на делата, формата и боите. Сите заедно јасно ни ја даваат авторовата порака што зборува дека уметникот осознал и јасно го прикажува осознаеното без да не става на мисловно и емотивно распаќе. Влакненцата на јутата, конопот и хартијата префинето ја претставуваат идејата. Како форма преовладува кругот-создател на целината, симбол на совршенството, како што впрочем пее и Петре М. Андреевски „Тркалезно е и семето што го засејуваш во нивата“ (од песната Тркалезни форми). Тркалезното семе го раѓа тркалезниот леб кој го храни тркалезниот свет.

Боите пак, и во ѕидните објекти и во фотографиите се складни и во контекст на она што се сака да се каже а  веројатно секој восприемач и низ боите и низ делата во целост ќе се препознае, ќе се запраша, ќе се дооткрие и ќе го збогати делото со уште едно ново видување, чувствување и размислување.

Рецензија 

Филип Димкоски, поет и новинар

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.