25-30 септември, младите Џифонци со нови искуства на осмото издание на „Џифони Македонија”

Само уште два дена останаа за пријавување за учество на единствениот  фестивал „Џифони Македонија 2020“. Фестивалот ќе се одржи онлајн, со нов пристап и начин на учество на учесниците од пријавените земји и  Македонија. Осмото издание има богата филмска и офф програма. Дел од филмските проекции ќе бидат организирани во соодветно адаптирани кино сали на отворено, со ограничен број на седишта, во согласност со протоколите за безбедност. На тој начин „Џифони Македонија“ продолжува со традиционалната филмска програма, активности и дружба, притоа водејќи сметка за безбедноста на учесниците, во целосна согласност со препораките за заштита и превенција на Ковид-19.

Темата на „Џифони Македонија 2020“ е „Земја“ (Earth) како дел од тригодишниот циклус посветен на животната средина (2018 – Вода, 2019 – Воздух), кој се совпаѓа со педесетгодишнината од  основањето на матичниот фестивал „Џифони Експириенс“ во Италија.

Најголемиот дел од активностите предвидени за младите учесници ќе бидат емитувани онлајн, со директно вклучување во дискусиите, работилниците и другите онлајн настани. За таа цел ќе започне со работа новата младинска дигитална платформа, на која ќе се презентира богатата понуда на филмови и други содржините на овогодинешниот фестивал и ќе им се овозможи на учесниците директно да се вклучуваат во работилниците и другите онлајн евенти и да имаат интерактивни средби со гостите.

Нешто што е многу вредно и важно што по завршувањето на фестивалот, платформата ќе им биде наменета на младите, за објавување на нивни творби од аудиовизуелните уметности, како и за други содржини наменети на младите љубители на филмот.

Оваа година меѓународното жири ќе биде составено од над 300 ученици од основните и средните училишта од Македонија и од десетина странски држави, кои фестивалот ќе го следат онлајн, со директни вклучувања во дискусии, работилници, мастеркласови и други интересни содржини.

И во новата реалност на младите им престојат нови, незаборавни искуства кои им ги нуди единствениот филмски фестивал за млади Џифони. Она што не се менува е тоа што, најдобрите Џифонци ќе си обезбедат учество на светскиот фестивал Giffoni Experience” во Италија 2021 година.

 

Татјана Гогоска

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.