23. Издание на Скопје филм фестивал почнува на 9 септември со проекцијата на филмот „ВИСТИНСКАТА ИСТОРИЈА НА БАНДАТА КЕЛИ“

Вечерва (9  септември), во 19 часот во Кинотека на Македонија, ќе започне годинешното 23. издание на Скопје филм фестивал со проекцијата на отворено на австралиско – британскот филм „Вистинската историја на Бандата Кели“ во режија на Џастин Курзел (Justin Kurzel), базиран на романот на Питер Кери за најпознатиот разбојник од Австралија Нед Кели, во кој се појавуваат Џорџ Меккеј и Расел Кроу. Веднаш потоа следува проекција на филмот „Џулиета од духовите“, првиот од ретроспективата на Фелини.

Скопје филм фестивал, за своето 23. издание донесе разновидна програма и содржини во чии рамки ќе понуди повеќе од дваесет играни и документарни филмови поделени во три програми: Панорама на светски филм, Денови на квир кино и Ретроспективна програма на филмови од Федерико Фелини.

Програмата Светски филм на публиката во Скопје филм фестивал ќе и’ донесе пресек на актуелите и наградени филмови од врвните светски фестивали во текот на 2019 и 2020 година, како Санденс фестивалот и Берлинскиот филмски фестивал.

Трета година по ред, Скопје филм фестивал ја реализира програмата „Денови на Квир кино“ во која се прикажуваат филмови што одбиваат да бидат невидливи и што смело прераскажуваат приказни што креираат еден нов културен простор. Низ политика на репрезентација преку филмската уметност, фестивалот прави обид да отвори теми кои извираат од квир културата, да преиспитува контексти, искуства и идеи низ филмскиот кадар и да создаде инклузивно место каде што ќе се артикулираат гласови од маргините. Селектор на оваа програма е Крис Белони.

Особено атрактивна е годинашната голема Ретроспектива во чест на италијанскиот  и светски великан на филмската уметност,  Федерико Фелини, по повод 100 – годишнината од раѓањето на големиот мајстор.  Оваа програма се реализира во соработка со Кинотека на С. Македонија и Италијанската национална кинотека. Во рамки на оваа програма ќе бидат прикажани десет филмови на Фелини.

Автор на плакатот за годинашното издание на фестивалот е македонскиот дизајнер и уметник Зоран Кардула. Годинава, во галеријата на Кинотека на Македонија меѓународно познатиот македонски уметник ќе ги изложи своите верзии на 11 плакати од филмовите на Фелини. Изложбата ќе биде отворена за времетраење на фестивалот, во галеријата ќе можат да влезат ограничен број на посетители.

Зоран Кардула е плоден автор, препознатлив по својот стил, со широк опсег на интерес кој вклучува режисери, уметници, борци, бруталистичка архитектура, Арт Деко и Баухаус стил , редизајн на продукти од ерата на Југославија…

Во рамки на програмата на фестивалот ќе биде отворена и изложба на дела на учесници на обуката за Артивизам. Осум учесници научија како да го користат методот на Артивизам да ја кренат свеста и да го зајакнат знаењето за човековите права и правата на ЛГБТИК+ заедницата. Овие инспиративни млади луѓе користеа различни форми на уметност (илустрации, фотографија, анимација, итн.) да ги создадат своите постери. Нивните дела ќе бидат изложени во фоајето на Кинотека во рамките на програмата „Денови на квир кино“.

Од 9 до 13 септември ќе се одржи петдневна филмска работилница која ќе  вклучи практична работа за основните филмски техники и камера, развивање на индивидуални идеи за филм, работилница за монтажа, а последниот ден и создавање на 9 кратки филмови. Предавачи и обучувачи на оваа работилница ќе бидат професионалци од филмската индустрија од Холандија и Македонија.

Програмите на 23. издание на Скопје филм фестивал, од 9 до 16 септември ќе се одржуваат во Кинотека на Македонија, на отворено, со ограничен број седишта и со примена на сите мерки од протоколот за здравствена заштита.

Сите проекции се бесплатни.  

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.