Вечерва во Антички театар ќе започне јубилејното 60. издание на Охридско лето со вечер посветена на творечкиот опус на основоположникот на овој фестивал, оперската примадона Ана Липша Тофовиќ.
Концертот на арии насловен како „Вокални бисери – по стапките на Ана Липша“, ќе биде во изведба на светски познатите солисти, Марија Јелиќ – сопран, Дарио Ди Виетри – тенор, Иван Томашев – бас и Аманда Стојовиќ – мецосопран во пијано придружба на Миливое Велиќ.
На отворените сцени, Антички театар, Долни Сарај, Предворје Св. Софија, како и Црквата Св. Софија од 4-ти до 30 август ќе настапат околу 300 уметници од 19 земји, Србија, Италија, Хрватска, Велика Британија, Турција, Франција, Русија, Грција, Германија, САД, Босна и Херцеговина, Полска, Словенија, Косово, Чешка, Албанија и голем број уметници од Република Македонија.
Реализацијата на фестивалските вечери ќе биде строго по утврдените протоколи и мерки дадени од Комисијата за заразни болести и насоките на Министерството за култура.