Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), во изминатите неколку недели внимателно ја следеше работата на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) во делот на постапување против радиодифузерите за евентуални прекршувања на правилата предвидени во Изборниот законик. На барање, пак на дел од медиумите против кои беа поведени постапки за прекршување на изборен молк, имавме присутен адвокат кој ја следеше судската постапка. Судот пресуди во прв степен во корист на медиумот.
Со цел поблиску запознавање со состојбата, ЗНМ беше во контакт со менаџментот и новинарите на ТВ Телма која беше еден од засегнатите медиуми против кои беше покрената прекршочна пријава, но и со менаџментот на АВМУ, а во текот на вчерашниот ден, од таму беше доставена информација со повеќе детали.
Следејќи ги и официјалните јавно достапни записници за работата на Советот на АВМУ, цениме дека директорот на АВМУ, Зоран Трајчевски на 27-та седница на Советот, одржана на 15.07.2020 во дел од своите образложенија за покренување на прекршочни пријави против ТВ Телма и Алсат М, се обидел да влијаел на советниците да донесат одлука на штета на медиумите користејќи лични квалификации и констатации, без да приложи докази. Тој според записникот, прераскажува телефонски разговори кои ги имал со менаџментот и новинари на двете телевизии, што е невообичаен начин на комуникација и притоа дава негови субјективни квалификации. Со тоа негативно влијае врз имиџот на овие новинари и уредници, што е недозволиво за прв човек на една регулаторна агенција.
Понатаму, тој укажува дека имал пријава од директор на една од петте телевизии (ТВ Сител, ТВ Канал 5, ТВ Телма, ТВ Алсат М или ТВ Алфа), без да посочи од која телевизија и вели дека врз тој директор „бил вршен жесток притисок од страна на владејачка партија да биде објавена прес-конференција на министерот Филипче зошто наводно тоа ќе донело големи политички поени“. Трајчевски во записникот додава дека „таа телевизија го одбила барањето како што направиле 115 медиуми во нашата држава, освен овие два медиуми (Телма и Алсат) кои што сакаат да се прикажат себеси професионални, а Агенцијата дека работи тенденциозно против јавниот интерес“.
На барање на ЗНМ да ни бидат дадени на увид докази кои сведочат за таков тип на притисок, од АВМУ ни укажаа дека за наводниот притисок кон споменатиот директор на национална телевизија биле известени Делегацијата на ЕУ во Скопје како и техничкиот премиер Оливер Спасовски.
Потенцираме дека вршење притисок врз медиум е сериозно дело, и наместо да ја прераскажува таа пријава од директор на една телевизија, на седница на советот, директорот Трајчевски требал да ги приложи доказите до советот, а АВМУ да се обрати до надлежните институции и органите на прогонот да поведат соодветна постапка.
Постапување на овој начин, со лично етикетирање медиуми и нивната професионалност во политички контекст, сето тоа без приложени докази, е непрофесионално и тенденциозно од страна на директорот на АВМУ, во случајов на штета на ТВ Телма и Алсат М.