Новата песна/спот “Роман за нас” на кантавторот Благој Маротов, медиумски ќе ја промовира на 29 јули, ден во кој Хрватска и Балканот оддаваат почит на музичката легенда Оливер Драгојевиќ.
Познатиот македонски уметник со голем пиетет се навраќа на топлите спомени со идолот на многу генерации, а воедно и го открива мотивот, вели дека песната сама бликнала.
“Роман за нас” се испиша сам. Со еден убав повод и причина, композицијата ја напишав за нашите патувања со мојата сопатничка Јуле, за нашите настапи, свирки, дружби по Хрватското приморје, каде речиси секоја година, за жал освен оваа, сме редовни гости. Уште далечните ју- години прво јас настапував со мои колеги по места како Цавтат, Сребрено, па горе Порторож, а последните две години со Јуле бевме гости баш во Вела Лука, родното место на легендата Оливер Драгојевиќ, каде имав контакти со негови блиски луѓе и роднини. Во Општината се потпишав во спомен на Драгојевиќ.
Минатото лето запознавајќи се со музичари од Вела Лука имавме и еден настап во местото Блато на Корчула,така таа врска со Далмација стана уште посилна. Се направија планови и за мој настап на славниот Сплитскиот фестивал, но новонастанатата ситуација ги помести тие планови. Така и ми дојде идеата, имајќи повеќе време во “карантинската слобода” , да напишам песна на шармантниот далматински хрватски јазик, на некој начин и потсвесно посветена на тоа поднебје, а посебно на големиот музичар и пријател Оливер Драгојевиќ. Верувајте, почитта кон легендата сама си го стори своето, освен што спонтано бликна оваа песна во негов стил, дури и во самиот текст ми се вовлече зборот галеб, како симбол и асоцијација на една од најубавите Оливерови песни”, ја открива својата инспирација авторот.
Маротов се потсетува на вечерта која го споила за сите времиња, со Драгојевиќ.
-Пред 10 години имавме една незаборавна вечер во Скопје, во која буквално се натсвирувавме, натпејувавме, заедно со Петар Грашо и Маја Оџаклиевска, и мојата Јуле и синот Бојан. Оливер дојде по концерт во ресторанот “Камник” , беше гладен секогаш за убава свирка. Кога ја слушна мојата тогашна верзија на “Магдалена” на македонски, седејќи на маса, се пошегува коментирајќи “ко је овај будала што је ово овако добро урадио” (снимена беше со Живоин Глишиќ и тапанарот Менду Деар-Мече). Потоа се случи најглавното, само што ја најавив “Магдалена” на македонски и не ни дојдов до рефренот, Оливер скокна и само праша од кој тоналитет ја пеам и седна на клавиновата…На таа вечер во Скопје, сам побара да му ја отпееме и познатата “Барселона”, за што дојде лично на сцена да ни честита, откако се потсетивме дека претходно, во 1997 при една средба кога му реков дека ја пеевме “Барселона”во негов стил, не прашуваше со далматинска шеговитост”а кој го пее Фреди? “. Неговите пријатели кажуваат дека ретко пеел на такви седенки, толку расположен . Така, инспиративно, се создаде “Роман за нас”, романтична љубовна тема во медитерански мелос,12/8 такт, за која изработивме и видео спот со мојот тим, Лена Заткоска- Маротов, вели авторот.
Песната е снимена во неговото домашно студио, а целосно потсеќа на Далмација, на Оливер.
Во среда, додека во Вела Лука ќе се пеат песните во чест на Оливер и во Македонија ќе одекнуваа оваа песна. Промотивно ќе може да се слушне на Радио Буба Мара и во пладневна емисија “Ритамот на денот” на Македонско радио. И на македонските телевизии.
А на Втори Август, Илинден, на најголемиот македонски празник кога се слави историската Крушевска Република, Маротов ќе ја промовира и својата нова песна на македонски јазик “Бенг бенг”.
Се надевам дека песните ќе допрат до срцата на неговите најблиски и семејството, на моите обожаватели, но и на публиката во пошироките Ју простори, додава Баже кој по големата кариера во својата земја, на балканската публика и стана познат по настапот во Белград скоро шоу” Никад није касно”, заедно со Јуле.
Би сакале да нагласиме дека претпромотивните реакции за хрватската мелодија се одушевувачки. Промоцијата на “Роман за нас” е поддржана и од Заедницата на Хрватите во Македонија и претседателката Невенка Нена Костовска.
Валентина Горѓиевска-Парго
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени
со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски
текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски
содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се
цитира.