Во Галерија 2, горно фоаје на Младинскиот културен центар, на 25 јуни, со почеток од 19 часот ќе се отвори првата самостојна изложба на Марија Ќурчиева насловена „Движење“.
На изложбата уметникот преку визуелната уметност го покажува внатрешното движење изразено преку малите детали од секојдневниот живот. „Врската на ликот и авторската фантазија го опишуваат потенцијалот на младата сила и желбата за пронаоѓање и созревање, откривањето на сопствните можности и нивното одбележување“, ќе посочи Маја Танева кон изложбата на Ќурчиева.
Инаку, Ќурчиева (2002) е млад уметник и ученик на отсекот сликарство во средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“. Покрај формалното образование член е на „Ателје 49“. Учествувала на меѓународниот проект “Creative minds of the world” каде што во конкуренција на околу 2000 уметници од целиот свет била избрана во првите 200, кои ќе влезат во каталогот од проектот. Во рамки на „Лазар Личеноски“ и „Ателје 49“ учествувала на групни изложби.