Археолошкиот музеј на Македонија презентира движно културно наследство, поточно околу 7.000 археолошки предмети откривани со археолошки истражувања на целата територија на Р. Македонија во текот на изминатите 93 години и претставува најзначајна и најстара музејска установа во Македонија. Посетителите може да уживаат во артефактите изложени во одделите за: праисториска археологија, античка археологија, средовековна археологија, нумизматика, антропологија и лапидариум.
Од месец март Изложбениот простор на овој музеј е домаќин на импозантната изложба „100 години Требениште“, која е карактеристична и по ексклузивниот матерјал и по опсегот на предмети што го опфаќа.
Она што е важно е дека со оваа изложба многу нешта се случуваат по првпат во нашата земја, на Балканот па и во Европа. Требениште е прв, ако не и единствен пример на локалитет што е истражуван од три земји, промовиран во светот преку три музеи од трите земји и сега првпат пред светот е претставен како целина.
Долгогодишната работа, напор, и соништа се остварија на многумина кои беа дел од овој голем проект. Севкупните резултати се важни за претставување на заедничкото културно богатство и за промовирање на културната соработка на земјите од Западен Балкан, стои во образложението за оваа импозантна изложба која ќе биде отворена за посетители до 31 август.
“