Интересен наслов, „Езеро од јаболка“ , снимен на прекрасното Преспанско езеро.
Насетувате дека е спој од двете убавини на Преспанскиот крај, Езерото кое се протега во три држави и има бујна вегетација, растителна и животинска, и јаболката, непрегледните јаболкови насади што им ги дарува земјата на жителите на овој крај.
Почнувате да го гледате филмот и да ја следите приказната на стариот риболовец кој проодел во кајчето на својот татко, најдобрата хемичарка во локалното училиште, сега возрасна жена која останала во родниот крај и е задолжената за хидрометеролошката станица и капетанот Зоран кој открива дека нешто се случува со рибите. Ја следите приказната на големиот “газда’ јаболко производител, возбудени сте од преубавите кадри што течат пред вас, од изгрејсонцата, зајдисонцата, од пеликаните со поглед кој ви го зема здивот, едноставно ве обзема убавината на оваа прекрасна езерска шир. Но, тогаш за миг останувате збунети. Убавината дадена од Бога, сфаќате дека ја уништувал човекот со децении, и наместо да има мрежи полни со риби и кошници полни со јаболка, луѓето остануваат без ништо. Така риболовецот наместо риби во мрежите лови алги, кои полека и ги снемува, па мрежите му се полнат со фрлени зрели јаболка.
И нема да сте свесни но, прекрасните глетки стануваат тажни,покрај се тажен е погледот на пеликаните кои не сакаат да ги јадат мртвите риби, затоа што умираат под дејство на големиот број пестициди фрлени во езерото, кои јаболкарите ги користат за да ги „заштитат“ своите плодови.
Безумен уништувачки круг , маестрално прикажан на филмското платно од двајцата мајстори на документарниот филм Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, кои на модерен и визуелно возбудлив начин ги доловуваат резултатите од долгогодишните напори за намалување на загадувањето на Преспанското Езеро. Мошне вешто, преку повеќе карактери, се прикажани и начините на кои виталните функции на Преспанското Езеро се обновуваат, преку промената на начинот на кој земјоделците ги одгледуваат своите култури, намалувањето на внесот на загадувачки материи од различни извори и подобрувањето на управувањето со ресурсите-пишува во описот на филмот „Езеро од јаболка“.
Овој документарен филм е поддржан од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и Швајцарската агенција за развој и соработка. Во изминатите 15 години, УНДП, Швајцарската агенција за соработка и развој и Општина Ресен вложија 15 милиони долари за спас на Преспанското Езеро
И некако со мачнина чекате да видите дали Преспанското езеро ќе осамне со надеж. И, да има надеж! Има надеж за риболовецот , има за јаболко произведувачите, за пеликаните, за убавината, едноставно за постоењето на преубавиот крај на Македонија- Преспанското езеро и неговата околина.
Последните истражувања покажуваат дека најголемиот дел на земјоделците во Преспа имаат усвоено модерни производни практики. Како резултат на тоа значително е намалена употребата на пестициди, вештачки ѓубрива и вода за наводнување. Ова намалување на внесот на загадувачки материи во езерото, овозможи да се спречи деценискиот тренд на нарушување на неговата еколошка состојба и да отпочне процесот на негово обновување, што се потврдува со редовните контроли на квалитетот на водите -велат авторите на филмот .
И да не го гледав овој филм ќе бев посиромашна за едно големо сознание, за една визуелна перцепција, за емотивен набој кој ме правеше и гневна и тажна, но побогата во секој случај. Топло го препорачувам на авторите и продуцентите на филмот да направат напори истиот да биде дел од едукативната програма на децата до петто одделение.
Само со освестени млади генерации, кои и те како знаат да размислуваат и имаат свои ставови ќе можеме да си ги зачуваме уавините и позитивните ресурси.
М-р Татјана Гогоска