Интеренет издание на лексикон на странски сликари во Македонија во период 1850-1950 година

Оваа книга е плод на  обидот на авторот Влатко Милошевски за собирање на сите достапни информации за активностите на странските сликари, илустратори, графичари, скулптори и уметнички фотографи кои што ја посетиле Македонија и создале уметничко дело инспирирано од земјата, културата, традицијата, природата или историските настани во Македонија и македонските етникуми во периодот помеѓу 1850 и 1950 година.

Стогодишниот македонски период помеѓу 1850 и 1950 година е во фокусот на мојот интерес главно поради две причини: уметничка и историска.

Од уметничка гледна точка, станува збор за период на експлозија на разновидни уметнички стилови и правци. Периодот започнува со европската романтична школа и европските ориенталисти. Подоцна, ликовната уметност еволуира кон импресионизмот, фаувизмот, експресионизмот, модернизмот и завршува со кубизмот. Особено интересно е да се погледаат сликарските интерпретации на македонските теми во секој од овие стилови.

Уметничките инспирации се исти: странските сликари биле маѓепсани од шареноликоста на боите и егзотичноста на народните носии, сцените од секојдневниот македонски живот, визуелноста на новооткриената земја и автентичната архитектура. Но, резултатите од уметничкото доловување на тие инспирации се впечатливо разновидни.

Ако се анализираат ликовните трендови во ова столетие, започнувајќи од 1850-та година, најпрво се појавуваат егзотични трудови на западноевропските ориенталисти коишто биле фокусирани кон романтично претставување на отоманската култура и мистичност. Македонија била  последното европско неоткриено катче, чисто и недопрено од европската декаденција, а кое во очите на ориенталистите било полно со возбуда и авантура.

Кон залезот на XIX- век, ориенталистите биле заменети со импресионисти. Наместо романтизираната слика, тие тежнееле кон доловување на секојдневните реални моменти од животот во македонските села и градови, во обид да се овековечи духот на регионот во тие историски моменти. Нивните дела се како прозорци кон едно дамнешно време и будат чувство на директен контакт со нашето минато.

Умбертос Агирос-Снежно село во Македонија

XX век започнал со големи надежи и очекувања, но набрзина се претворил во кошмар. Под влијание на тешките и турбуленти години пред, за време и после Големата војна, уметноста еволуирала кон експресија на личните емоции, фрустрации и чувства. Истиот феномен се пресликал и во делата на странските сликари во Македонија. Македонскиот пејзаж, насликан од странските експресионисти, станал всушност нивна духовна слика и се испреплетувал со нивните емоции. Македонските слики претставувале нивен внатрешен израз и порака.

Уметноста креирана после Првата светска војна доминира главно со дела кои биле под влијание на француската и германската модернистичка школа. Ова влијание во Македонија било донесено главно од странските сликари кои студирале во Париз или во Минхен, коишто биле доминантни ументички посетители во регионот помеѓу 1920 и 1940 година.

Крајот на овој стогодишен период донел во Македонија и кубизам, а политичкото уредување го донело и правецот социјалистички реализам.

Од историска гледна точка, периодот помеѓу 1850-1950 година бил всушност најдинамичниот период од македонската историја. Настаните во регионот се менувале со молскавична брзина – залезот и распадот на Отоманското царство, националните ослободителни движења, Балканските војни, Големата војна, создавањето на балканските држави, Втората светска војна и ослободувањето.

Овие историски настани ги довеле и странските сликари кај нас – уметниците нè посетиле, или самоиницијативно, како резултат на нивната љубопитност, или пак, тие биле приморани да дојдат кај нас поради нивната професионална или воена должност. Првите ориенталисти се обидувале да ги истражат последните непознати европски територии и ги уживале последните  голтки на отоманската мистика. Распадот на Отоманското царство, крвавите востанија и Балканските војни го привлекле вниманието на светската јавност. Голем број на светски импресионисти и илустратори решиле да ја посетат Македонија, поради нивните политички, антрополошки или хуманитарни интереси. На почетокот од XX век импресионистите го сликале волшебниот македонски пејзаж, а исто така ја анализирале и комплексната политичка и социјална сцена. Војните донеле во Македонија и воени сликари коишто ги воздигнувале и романтизирале походите на своите војски. Но, многубројните војски донеле во Македонија и сликари, кои како обични војници борејќи се за својот живот, директно ги овековечиле ужасите на војната. Облечени во различни униформи, нивната уметничка мисија била иста – создавање на траен тестамент зад себе, во случај на нивна смрт на фронтот. После секоја војна доаѓало до обнова и градење. Во периодите после секоја светска војна, странските сликари  ја посетувале Македонија главно во функција на едукатори или јавни службеници, и биле вклучени во нејзината обнова.

Во текот на работните денови и во работното време, Влатко Милошевски е професионалец во областа на електрониката и компјутерските науки, со повеќе од 25 годишно работно искуство, со интегрирани системи во реално време, потрошувачка електроника, мобилна комуникација и напредно истражување. Се стекнува со звањето инженер пo електротехника на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје, Македонија во 1994 година и звањето магистар по компјутерски и информациски науки и инжинеринг на Универзитетот на Флорида, во Геинсвил, САД во 1999 година. Работел во бројни компании и проекти: од мали „старт-ап“ фирми и академија, до мултинационални гиганти, како истражувач, инженер, архитект, технички маркетинг менаџер и менаџер за развој на бизнис. Денес, Влатко Милошевски работи како сениор менаџер за развој на бизнис во истражувачката организација ИМЕК, во нивната канцеларија на Хај Тек Кампусот во Ајндховен, Холандија.

По работното време, во вечерните часови и за време на викендите, Влатко Милошевски е пасиониран трагач и колекционер на ликовни уметнички дела. Го поминува своето слободно време во откривање на заборавени уметнички бисери, како во физичкиот свет (со посетување на локалните аукциски куќи, саеми за антики, викенд пазари, куриоза продавници, итн.), така и во сајбер светот (со следење на интернет страниците на светските аукциски куќи, онлајн уметничките галерии и музејските продажби итн.). Започнува со колекционерство на уметнички дела поврзани со македонскиот регион во 2004 година, со откривањето на мала колекција на македонски маслени минијатури од Никола Петковиќ, на една малку позната онлајн подрумска распродажба во САД. Возбудата и сознанието дека постои бесценето ликовно богатство распрснато низ светот, како и сосема нова област во македонската историја на уметност која чека да биде напишана, резултираше во 15-годишно градење и документирање на обемна колекција со повеќе од 200 оригинални уметнички дела, ретки печатени материјали, репродукции и уметнички книги, кои ја покриваат работата на странските сликари во Македонија во периодот помеѓу 1850-1950 година.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.