14. април 1997 – Почина Видоe Подгорец еден од најплодните македонски автори за деца

На денешен ден 14 април 1997 година починал Видое Подгорец, еден од најплодните македонски писатели, патописец, поет, раскажувач и романописец за деца и возрасни. Припадник е на втората генерација македонски писатели. Видое Подгорец е роден на 8 јуни 1934 година во струмичкото село Колешино, во сиромашно семејство. Во родното село завршил основно училиште, а во 1950 година завршил учителска школа во Штип.

Започнал да пишува додека бил ученик во учителската школа во Штип, а малку подоцна, непосредната работа со децата (како учител) имала пресудно влијание за неговата определба за детската литература. Подгорец спаѓа во редот на најпопуларните и најплодните македонски писатели: само во првите десетина години од своето творештво, веќе објавил околу триесет книги! Неговите дела се преведувани на повеќе јазици, и тоа: српски, хрватски, словенечки, турски, албански, руски, украински, полски, чешки, словачки, бугарски итн. Тој пишувал поезија и проза за возрасни и за деца, а се занимавал и со книжевна критика и есеистика, а покрај тоа, има објавено серија патописи од неговите патувања по Блискиот Исток. Во продолжение, тој е автор на неколку телевизиски сценарија за детски игри, како и на две радио-драми за деца: „Незавршена приказна“ (заедно со Михо Атанасовски) и „Чудесно патување“. Исто така, тој е уредник на две антологии: „Гулаб на мирот“(избор на раскази за деца) и „Вртешка“ (избор на песни за деца). Во 1969 година, издавачката куќа „Наша книга“ од Скопје објави избор од делата на Подгорец во десет книги. Позначајни негови дела се: Белото Циганче (роман за деца и млади, трилогија, 1966), Карпошовата буна (роман, 1983), Дивиот рај (роман за млади, 1983), Патешествијата на Силјан Штркот (роман за млади, 1983) и други.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.