Седам дома и размислувам за тоа колку човештвото летало на лажни крилја. И колку е болно приземјување, од кое на крај, ни исходот не е предвидлив. Планетата од кога постои, за прв пат е во (само) изолација, во планетарен карантин и полициски час. Човештвото за прв пат е со жолт накај црвен картон.
Да се живее во ова време, да се доживее “Стоп!” на целата Планета е своевиден милениумски феномен, уникатна прилика, можеби и привилегија, и морничав трепет, кој внесува и страв и тага поради човечките загуби насекаде, истовремено и надеж и замислување на новиот почеток, што сега веќе сите го исчекување. Како ли ќе изгледа тој?
Земјата запре во чекор, во своето движење. Замрзна. Се успори. Желна за мир и спокој кој некако како да и беше потребен на нејзините уморни плеќи. Човекот ја измори. Да бидам попрецизна, се си продолжи по својот пат, пролет дојде, птиците весело летаат, а човештвото запре. Изгубен и зачуден, во едно распаќе, граѓанинот на Планетата земја, од кое и самиот не го знае правецот по патот кој досега одел сам, е збунет, а сега чека некој да му го покаже, за да излезе на јасна полјана. Залутал. И сега му станува јасно дека залутал.
Седам и размислувам, и како да почнувам да верувам во преданијата дека и претходно имало цивилизации кои поради некоја основна негрижа кон своето постоење ги снемувало, а преживеале и го продолжиле родот само оние предели до кои не допрела цивилизацијата, емантиципираноста и информацијата.
Информацијата, некако таа ми е главниот виновник за сиот ерор, денес. Пребрзо се движи од една до друга точка и предизвикува сеопшт хаос. И не сaмо информацијата, и човекот смао прелетува од една до друга точка, зар потребно ли е сето тоа толку фрекфентно движење?
Почнувам и да ги сфаќам теориите дека се што му е дадено на човекот во 20 и 21 век, да му го олесни животот, како да доаѓа од некоја друг свет од вонземјани кои сакале да му помогнат, ама тој како да не знаел како да ракува со нив, а можеби и ги злоупотребил и се заплеткал во таа стапица. Човекот е тој кој тргнал против себе, а пандемијата која го зафати човештвото само го пресретна во неговата неорганизираност како да изгради систем и општество во кое ќе е безбеден, и првенствено ќе го штити својот опстанок.
И се враќам во реалноста, и ги продолжувам ноќите со читање, кои воопшто не се разликуваат од порано, сега само некако како другите луѓе да фатија чекор со мене. Ги поминувам како и претходно, впрочем новинар фриленсер има привилегија да легне кога сака и да се разбуди кога сака.
Оттука и времето го кројам по мое . Што е тоа?
Во мојата програма е задолжително зборување со членовите на фамилијата. Потсетување на некои минати моменти. Толку многу што имам чувство како повторно да се запознаваме. Слушање музика е моја стара шема, нива е да си запеам пред вклучена селфи камера на мобилот и со следниот клик сето тоа да го објавам во етер, на фејсбук . Тоа е израз на слобода и спонтана радост, ми се чини.
Малку поразлично ми е подготвувањето на вечера, сега тоа го правам со внимание, по стар рецепт, кој ме доведе со сознание дека брзата храна била уништувачот на моето здравје. “Вака треба, со тавата в раце, а не со сендвичите”. ..си повторувам во себе.
Она што посебно ми ги обојува вечерите е читање информации на руски портали, со обид што подобро да ги разберам, и учење на албански јазик. Никогаш не ни претпоставува дека албанскиот е толку возбудлив и дека има толку звучни зборчиња, кои ти е мерак да ги повторуваш. “Ун ха љуљештруде”. Младиот и талентиран интелектуалец Луми Бекири предложи да ни дава чава онлајн часови, групата е супер опуштени сме, не се брзаме никаде и секој ден во 17.30 ние сме онлај.
За моја разочараност, овие денови требаше да сум на една Меѓународна новинарска конференција во еден светски град, за утеха му остана одложувањето за понатаму, ако Бог даде, а продолжив да учествувам и на вебинари по новинарство. Воедно, деновиве ја проследив и конференцијата за правичен пристап до вода.
Дома сум, и средувам, преместувам и сфаќам колку сум била “отсутна” од домот, та што ако присутна. Чатувам со пријатели, споделувам шеги, читам текстови, ги игнорирам оние кои почнуваат со “Руските доктори открија” а споделувам се што има и најмал предупредувачки карактер, со секакви дополните и мерки на самозаштита од опакиот Ковид 19, од кој коски ми се тресат.
Се радувам и се смеам со, за мене, волшебните муабети со внуците на телефон. Потоа го прераскажувам нивниот муабет за да радоста подолго трае, па малку и потчитувам класична книга.
Мора да се чита. Мора постојано да се размислува. За еден човек велат дека почнува да расте кога ќе ги ги постави филозофските прашања “кој сум јас, од каде доаѓам, каде одам?”. Сега тие станаа колективно прашање. Ова е време на преиспитување на себе си и сопствениот живот. Колку е тој важен, најважен.
Подеднакво со животот на најблиските на најдрагите, на пријателите, за кои колку пати и се нешто сме “немале време”. Сфаќаме дека среќата се бара во домот и во сопствената држава, и колку е важен секој миг, и да престанеме да го трампаме со некорисни работи, трошење време на завист, злоба и уништување. И, иако сме сите се уште избезумени како во оваа планетарна изолација ќе останеме дома, мислам дека за некој ден и нема да сакаат да излезат од домот. Единственото најбезбедно место за секого.
И психологијата не учи дека еден од најдобрите методи на лекување е изолација и инстроспекција, со прецизен скен на внатрешното “себство” . Кога секој ќе согледа во себе си што сака, што очекува, кога животот ќе продолжи, ќе се сврти навистина кон своите желби, и ќе следува период на стабилизирање. Така ќе биде и со планетата земја, ако оваа лекција ја сфати и научи толку како што треба. Палау е островот на кој сега сакам да живеам, таму не стигнала чумата која како страшило ги плаши луѓето, наречена Корона, Ковид 2019.
Чумата која можеби уште еднаш ќе не потсети дека човекот успеал се, но не успеал само едно- да го направи својот живот вечен. Но може да го направи подолг и посреќен! Се надевам сега барем после ова ќе почнеме да го исполнуваме со посветла палета бои она што ни останало за живеење, и само посакувам од оваа битка да не излеземе поразени и со катаклизмични загуби.
Валентина Ѓоргиевска Парго, новинар
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени
со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски
текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски
содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се
цитира.