Признание, објави и онлајн поетски настап на Филип Димкоски во Индија, Романија, Србија, Тунис, Хрватска и Италија се дел од активностите во „изолација“ на младиот автор Филип Димкоски
Поетот Филип Димкоски за време на вонедната состојба што речиси владее во целиот свет, својата публика ја изненади со онлајн поетски настап, отворајќи го првото онлајн читање на здружението „Три Дубровкиње“ во Дубровник, Хрватска, на кое на македонски јазик ја читаше песната „Остани“. Ова здружение каде членува Димкоски, најави дека по првото онлајн читање со учество на поети од БиХ, Хрватска и Македонија ќе продолжи и натаму со вакви и слични културни активности преку интернет.
Во Романија пак, списанието за култура, историја и литература Валахиа во градот Ѓурѓево, ги објави песните „Доаѓа песната“ и фрагмент од песната „Божјиот глас“ од Димкоски на романски јазик, негова биографија и видување за неговата поезија од романската поетеса Дуња Паланџану. Поезијата и биографијата на романски јазик ги преведоа и препеаја поетесата Надежда Радева и поетот Адриан Василев.
Во меѓувреме India Universe Voice of Poetry од Индија го награди Филип Димкоски со признание „за ширење на мирот преку поезијата“. Тој за ова призание беше предложен од други поети од регионот и од Индија.
Песните „Подарок за дарот“, „Повик“ и „Мирисај!“ од Димкоски објавени се и на интернет страницата http://thejasmincollors.com/ од Тунис, во препев на српски, на англиски и на француски јазик.
Во Србија, Димкоски е вклучен во конкурсот „Прегрни го животот“ од Здружението на балканските уметници од Суботица, онлајн зборуваше за литературата за деца по повод први април-Денот на шегата и втори април-Светскиот ден на литературата за деца, а негова поезија за деца и за возрасни објавена е во неколку онлајн изданија и електронски книги.
Во Италија со поезија на италијански и на македонски јазик дел е од мрежата Contagiamoci Di Poesia.
За годинава предвидени се објави на неговата поезија во Русија и во Црна Гора.
Татјана Гогоска