Со слоганот „Секој дом е универзитет, и секој родител е професор“ од Махатма Ганди, Првата Детска Амбасада во светот „Меѓаши“ го промовираше Прирачникот „Позитивно родителство“, како дел од проектот на Меѓаши и Организацијата Save the children.
Прирачникот е насочен кон најважните аспекти на тоа што значи позитивно и одговорно родителство. Почетен дел има односот кон дисциплината, како еден од аспекти на родителството и се нагласуваат две најважни точки: прво, дисциплината е учење, а не казнување и второ, физичкото казнување по ниеден критериум не може да биде оправдано затоа што има негативни последици по оптималниот раст и развој на детето. На детето треба да му се објасни уште од најрана возраст што значи самоконтрола, дисциплина и емпатија.
Ана Фрицханд, професор на Катедрата за психологија на Универзитетот „Св Кирил и Методиј“ и една од авторките на прирачникот потенцираше дека, не е доволно родителот да биде присутен физички. Ако нема квалитетна интеракција, развојот нема да тече позитивно. Родителството не е нешто со што се раѓаме, туку е вештини која се учи. Основата секогаш се поставува во семејството. Како синџир родителите учат од своите родители, од нив децата па нивните деца, секогаш со отфрлање на нешто што се чинело негативно и примена на нешто ново. Родителите се главните модели за идентификација на детето и нивното однесувањето го насочува развојот и однесувањето на детето.
Пред присутните за Прирачникот и целиот проект зборуваа и Катерина Коневска и Јана Зенговска од „Меѓаши“. Тие го истакнаа значењето на овој прирачник и неговото понатамошно заживување меѓу сите родители, кои имаат потреба или пак ќе пројават интерес. Прирачникот е изработен по барање на родителите и ќе биде своевидна поддршка на сите родители, да можат кратко и јасно да видат до каде се и како треба да постапуваат.
“Со начинот на кој е напишан ,неговата јасност и прецизност, може да биде достапен, да прочитаат, да видат до каде се, да се обратат доколку имаат некој проблем. Сметам дека родителите во нашата држава се отворени, бараат помош и самите го бараа овој прирачник. Ги поттикнувам родителите првенствено да се грижат за себе, бидејќи на тој начин го учиме и детето како да се грижи за себе…“, додаде Јана Зенговска-психолог во Меѓаши.
Во реализацијата на овој многу корисен и потребен прирачник за родителите/старателите учествуваа:
Издавач:Прва детска амбасада во светот Меѓаши-Република Македонија
Уредник: м-р Драги Змијанац-претседател и основач
Автори:Проф. д-р Ана Фрицханд, проф. д-р Софија Георгиевска
Лектор: Ад-вебум Скопје
Дизајн: Ване Костуранов
Печатење: БАто и ДИВАЈН