Концерт на францускиот пијанист Давид Фре во Македонска филхармонија

„Златните раце на Фре“ е насловен концертот на оркестарот на Филхармонија кој ќе се одржи в четврток(27-ми февруари)  во 20 часот. Како солист ќе настапи исклучителниот француски пијанист Давид Фре, а диригент е Конрад ван Алфен од Холандија.

На програмата се Концертот за пијано и оркестар бр. 2 од Фредерик Шопен и Втората симфонија од Роберт Шуман.

Според критиката, Давид Фре  е „совршен пример за музичар кој размислува“. Францускиот пијанист е познат и по инспиративните изведби на музиката на Бах и Булез. Постојано е активен на светската музичка сцена како солист, рецитален и камерен пијанист. Соработувал со водечки светски оркестри и диригенти како Марин Oлсоп, Семјуел Бучков, Андреј Борејко, Даниел Гати, Пааво Јарви, Рикардо Мути, Еса-Пека Салонен…

Настапувал со водечките оркестри во светот како „Концертгебау“, Баварскиот радио оркестар, Лондонската филхармонија, „Моцартеум“, со оркестарот на „Скала“, Бостонската, Њујоршката филхармонија со Филхармонијата на Лос Анџелес… Настапува и рецитално на концертни сцени како „Карнеги хол“, Линколн центар, Вигмор хол…

Давид Фре е препознатлив и уникатен пијанист, а пред македонската публика ќе го изведе романтичниот Концерт за пијано и оркестар број 2 од Фредерик Шопен …

Овој концерт од Шопен ја интегрира сета романтичност присутна во целокупниот опус на овој полски композитор. Во писмо до пријател, Шопен признал дека бавниот втор став е инспириран од Констанца Гладковска, младата пејачка со која учел на Конзерваториумот во Варшава и во која бил вљубен. Целиот концерт изобилува со типишен шопенски звук… На концертот ќе прозвучи и Втората симфонија од Роберт Шуман…

Концертот „Златните раце на Фре“ ќе го води Конрад ван Алфен за кој критиката вели дека е инспиративен диригент кој ги прави нештата да се случуваат. Етаблираниот холандски/ јужноафрикански диригент Конрад ван Алфен се стекнал со својата популарност и кај оркестрите и кај публиката благодарение на посебниот начин на кој тој ги води пробите и изведбите.

Концертот се реализира со подршка на Француски инстистут во Скопје.

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.