Со филмот „Мојата година со Селинџер“ на канадскиот режисер Филипе Фалардо, во сенка на расистичкиот напад во Ханау, синоќа се отвори јубилејно 70. издание на Интернационалниот филмски фестивал во Берлин, познатото „Берлинале“, коj ќе трае до 1 март.
На свеченото отворање на 70. Интернационален филмски фестивал во Берлин, неколку минути пред проекцијата на филмот „Мојата година со Селинџер“, членовите на жири-комисијата со кое претседава славниот британски актер Џереми Ајронс, организаторите и сите учесници со едноминутно молчење одадоа почит на жртвите на нападот во Германија, кој се случи ден претходно.
Инаку, 70. Берлинале е првото издание на уметничкиот директор Карло Чатријан, кој заедно со Мариета Рисенбек, извршната директорка на „Берлинале“ меѓу првите прошетаа на фестивалскиот црвен килим. На црвениот килим се појави и екипата на „Мојата година со Селинџер“, меѓу кои режисерот Фалардо со актерите. „Берлинале“ годинава, кога мораше да го помести и датумот за своето одржување поради Оскарите a ja отвори својата фестивалска програма со филм базиран на истоимените мемоари на новинарката и писателката Џоана Ракоф за познатиот американски писател Џером Дејвид Селинџер. „Мојата година со Селинџер“ ја следи младата поетеса Џоана (Маргарет Коли), која работи како асистентка на литературната агентка Маргарет (Сигурни Вејвер), а чија задача е да одговора на писмата на фановите на култниот автор Џ.Д. Селинџер.
Инаку, во текот на фестивалот ќе бидат прикажани околу 350 филмови од целиот свет, од кои 18 се во конкуренција за „Златна мечка“, која ќе биде доделена на 1 март од седумчленото жири, во кое покрај претседателот Ајронс, се и Клебер Мендонка Фило, Лука Маринели, Береница Бејо, Бетина Брокемпер, Анамари Јацир и Кенет Лонерган.
Во трка за „Златна мечка“, пак, се германско-холанскиот „Berlin Alexanderplatz“ од Бурхан Кубани, корејскиот „The Woman Who Ran“ на Хонг Сунгсо, француско-белгискиот „Delete History“ на Бено Делфин и Густав Кервен, аргентинско-мексиканскиот „The Intruder“ на Наталиа Мета, италијанско-швајцарскиот „Bad Tales“ на Дамјано и Фабио Д`иносенцо, американскиот „First Cow“ на Кели Ричардс, како и британскиот „The Roads Not Taken“ на Сали Потер.
На 27 февруари ќе ѝ биде врачена наградата „Златна мечка“ за животно дело на познатата актерка-оскаровка Хелен Мирен. Во нејзина чест ќе биде прикажан филмот „Кралицата“ од 2006 во режија на Стивен Фриерс.
На 70. Берлински филмски фестивал, новата секција „Encounters” ќе ја отвори најновиот филм на романскиот режисер Кристи Пују – „Малмкрог“, во кој нашата земја има малцинско учество (македонски партнер во проектот е продуцентската куќа „Сестри и брат Митевски“).