Кога успехот и среќата ќе станат немир – „Авторското право е неприкосновено за секој автор …“

Годините се како нанижан гердан и во него се случуваат многу и убави и неубави нешта. Убавите ни носат среќа и радост, а тие дугите, немир, тага и незадоволство. Најважно е човек да умее да се справува и со двете. Во првите да ужива, а вторите да ги надминува силно и достоинствено.

Како новинар почнав да работам во тогашната Телевизија Скопје, која по пет години стана Македонска Телевизија, а јас почнав да работам во Редакцијата на програмата за деца и млади. Најдов некој спој како новинар во тој продукциски дел и навистина добро ми одеше. Амбициозноста ме влечеше напред, па така еден мајски ден во 1992 година му предложив на тогашниот уредник, да направам музичко-играна серија од 10 епизоди. Предлогот беше прифатен и јас се втурнав во моето авторско делo, прво од овој тип. И навистина успешно. Смислив скриено катче за децата кои во слободното време ќе го исполнуваат со многу шега, забава и музика и мигови од детството за паметење.

По драматуршката обработка на нашиот почитуван драматург Велко Неделковски , и авторските договори кои траеја долго меѓу мене, уредникот и драматургот, работниот наслов „Песнодром-дискодром“ доби ново многу популарно име „Дајте музика“, која стана хит серија за сите генрации.

Следеа долги подготовки на обезбедување на текстови за компонирање, според сценариото за серијата, соработка со многу поети, потоа композитори, деца пеачи од Детскиот хор на МРТ но и многу други, како и работа на целиот музички матерјал. Продуциравме 65 нови детски песни под комплетно мое насочување и тоа  од реномирани автори, затоа што беше најважно песните да  го надополнуваа сценаристичкото дејство, поставено во основите на серијата.

Во процесот веќе требаше да влезе и продукциска екипа, режисер, камермани, светло, тон, потоа монтажа по што се направи убав производ, кого во 1993 година го гледаа според истражувањата 88% од населението на возраст од 3 до 77 години.

Бидна моето авторско првенче!

Веќе следната година продолжив со сценарија за  10 нови епизоди и овој пат продолжението го направивме заедно со режисерот Миле Грозданоски, како уште поквалитетно и попрофесионално телевизиско дело.

„Дајте музика“ стана не само хит серија за деца туку и бренд со кој, како сценарист ја претставував Македонија и МРТ на фестивали во светот во години по самостојувањето, кога никој во Европа не ни знаеше дека имаме некоја продукција.

Така како сценарист отидов со серијата во Словачка, Шведска, Италија, Германија и Бугарија.

На сите можни форуми, трибини, телевизиски дебати, интервјуа во печатените, електронските и интернет медиуми пред домашната јавност, го одржував брендот на “Дајте музика“ многу години цели 27 досега.

2018-та година добив идеја да ги соберам јунаците од „Дајте Музика“, што и се случи. Сега  сите прекрасни млади луѓе и им ја презентирав идејата, со нов аранжман да направиме со нив повторно снимање на песната и еден убав видео спот, со цел да ги поттикнеме продукциите и телевизиите да создаваат програма за деца.

Проектот не  се реализира, затоа што јас иако сценарист, како автор ги почитував авторите на текст и музика кои секој од свои причини не одговори ни позитивно ни негативно (освен аранжерот Винко Мишковски кој веднаш ја прифати идејата ). Како автор го почитував нивното авторство, без разлика дали беа во право или не.

Но, се случи 2019-та година кога мене на улица луѓе ми честитаа враќање на “Дајте музика“ а јас не знаев ништо. Следуваа месеци кога не можев да  сфатам со која дрскост тоа го направи мојата матична куќа МТВ, на која и донесов над 10 светски награди и остварив стотици илјади часа програма, секогаш со највисоки рејтинзи и поминав безмалку 28 години работен стаж во јавниот радиодифузен сервис.

Која беше подлоста на луѓето копродуценти, кои ја украдоа идејата, концептот, и најтажно од се направија сценарија и серија која е само бледа сенка на култната „Дајте музика“.

Не навлегувам во мотивите, иако ги знам. Но, едно знам дека има премногу матерјални докази, како и луѓе  што беа  дел од екипата на серијата, а се подготвени да сведочат за сторената неправда. А јас како секогаш сум со крената глава,  зошто знам  дека авторското право посебно она моралното авторско право е неприкосновено и никој  не смее да ми го украде.

И  за крај  едно навраќање на таа 1993 година, кога тогашниот, веќе е за жал одамна покоен, уредникот на тогашната Културо уметничка програма Петар Костовски, ме викна во канцеларија и ми рече: „Ајде да ти направиме Договор како автор, сценарист на „Дајте музука“ , така одлучивме на Колегиум кај Директорот зошто ова е твое авторско дело а уредникот и галичанецот ќе ти го земат, барем да имаш нешто како доказ, да бидеш заштитена“.

Не сфаќав што зборува, ама среќа што постапи така, зошто иако имам многу матерјални докази за моето авторство, луѓето се безмилосни  и грабајќи кон матерјалното ги газат сите морални вредности. Не се сите такви но, многу ги има.

Затоа процесот “кражбата на авторското дело „Дајте музика“ веќе има судско течение ..па ќе видиме, некако сигурна сум дека ќе победиме.

Пишува

М-р Татјана Гогоска – сценарист идеен автор на музичко-играната серија „Дајте музика“

Новинар и автор  на многу дела, литературни, драмски и телевизиски наменети најмногу за деца но и за возрасни. Својот магистерски труд го посветив токму на влијанието на Телевизијата врз развојот на децата од пет до 11 години и го издадов како литературно дело со наслов „Телевизијата и емоциите кај децата“(2010).

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.