Со години оставена на забот на времето, училишната зграда во Подвис каде се одржала прв пат настава на македонски јазик веќе е уништена

Како изгледа училиштето во кое првпат е изведена настава на македонски јазик?

На девет километри оддалеченост од градот Кичево, се наоѓа селото Подвис
кое пак, се наоѓа во областа Копачка и припаѓа на Општина Кичево.
Од културно-историски аспект има големо и важно значење затоа што на 23
септември 1943 година во селското училиште токму во ова село првпат почнала да се одржува настава на современ македонски јазик. Прв учител бил Василко Лазарески од Подвис.


Денес ова училиште кое е прогласено за споменик на културата се наоѓа во многу
лоша состојба. Училишната зграда е целосно руинирана и оставена на забот на
времето.

Очигледно е дека со години никој не водел и не води грижа за овој значаен споменик за македонската историја, јазик и култура.

Чудно е и зошто никој ниту од жителите не иницирал или не помогнал да се подобри изгледот на објектот. Или, можеби има некој таков но нема слух и поддршка за неговата иницијатива?
Сепак, во мај 2019 година ова училиште е посетено од ученици и наставници од
основните училишта „Гоце Делчев“ и „Вера Јоциќ“ од Скопје, а нивни домаќини беа
учениците и вработените од „ОУ д-р Владимир Полежиноски“ од Кичево. Тогаш беше одржан историски час на кој учениците се запознаа со дел ос историјата на училиштето и научија за значењето на ова училиште, а беа посетени и од советникот во Министерството за образование и наука Игор Јуруков, кој истакна дека ќе бидат вложени напори за ревитализирање на руинираната училишна зграда-споменик на културата, каде во иднина ќе може во подобрени услови да се одржуваат историски часови за учениците од сите места во Македонија кои редовно би доаѓале тука.

Сега, на почетокот на 2020 година ситуацијата не е променета.
Останува да се надеваме и да очекуваме во најскоро време надлежните институции да преземат чекори за ревитализација на овој историски значаен објект.

 

Видео и фотографии: Никола Миланоски

Запис на Филип Димкоски

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.