Уредник на рубриката: Филип Димкоски
Петја Хантова е родена во 1971 година во Петрич, Република Бугарија. По професија е адвокат. Член е на Сојузот на правницитe на Бугарија, претседател на здружението на правници во родниот град и долгогодишен член и соработник на Народното читалиште „Браќа Миладиновци-1914“ во Петрич.
Авторка е на три поетски книги:По брега на сълзите”, 1995 (По брегот на солзите), „На Обич орисана”,2014(На љубов осудена) и „Тъгата ми отива”, 2019 (Тагата си оди).
Нејзини песни се дел од повеќе поетски зборници како „Темида 3“, „Свет од љубов-151 поет од Пиринска Македонија“, „Родени под Беласица“, „Јато од Беласица“, „Низ виорите на времето“, алманахот „Огниште“ (2014, 2016, 2017 и 2018), „Поетски конкурс“, Нови Сад (2014), „Нежност на жена“ (2016), „Темида“ 6, „70 години литературен клуб Антон Попов“ (2019).
Објавувала во многу поетски локални и национални изданија и електронски медиуми, а нејзини текстови за музика звучат во националниот радио етер. За песните е наградувана со повеќе награди на литературни конкурси. Два пати е наградена на Меѓународниот конкурс за поезија „Лирски гласови“ во Софија и тоа со 4 награда во 2015 година и со Големата награда „Ромањола Мирославова“ во 2018 година. Во 2019 година наградена е со второ место на Националниот поетски конкурс „Раскршени зборови“ органзиран од Општина Лом и Сојузот на бугарските писатели.
Од 2015 ги иницира „Поетските вечери“ на кои ги здружува современите автори со љубителите на убавиот пишан збор.
ДЕЗДЕМОНА
Ноќта наметнува од Маврите одежди
Тагата жедно во телото се впива
Во прозрачна и неочекувана надеж
непрестајно тој миг се свива.
Очите му се две ѕвезди големи
Од тажното небо над Фамагус
Од парливите усни на Отело
Дива страст на капки вкусувам
Смирена сум сега. Како икона-
Пречистена од неговите дланки/
Безгрешна и безтелесна Дездемона
во неговите црномурести мисли ќе останам.
ЖРЕПКА
Земја и вино. Леб и песни
зачната сум била во доцна есен
в денови жешки и бури зли
во мене само есен ќе ечи.
Исушена од надежи
од болка и од прсти некогашни
се чистам со дождовна песна,
зачната сум во доцна есен.
Не знаејќи ни за радост, ни за тага
минувам низ последната ѕуница
по патишта одам чудесни
исполнети со вино и со песни.
На темна есен во доцна доба
од раѓање, па до гроба
жрепката мене ми паднала лесно
земја и вино, леб и песна.
***
Кога си одам, почнува да врне
и одненадеж станувам како есента
сомнежите во мене почнуваат да ползат
и стравови ме опфаќаат бесни.
Кога се разделувам од очите твои
во моиве очи се таложат
пречувства за задушени птици
чувство дека ќе…ме нема.
Кога си одам, почнува да врне.
Превод и препев од бугарски на македонски јазик: Филип Димкоски