Уредник на рубриката: Филип Димкоски
Андрија Радовиќ е роден во 1998 година во Подгорица, Р. Црна Гора. Студент е во трета година на Факултетот за црногорски јазик и книжевност на Цетиње. Поезија му е објавувана во списанието за книжевност, култура и општествени прашања Арс. Покрај поезија, пишува и есеи. Како поет учествувал на Балканската поетска средба во библиотеката „Искра“ во Кочани во рамките на манифестацијата Денови на кочанскиот ориз (октомври, 2019).
ОСАМЕНОТО ИГРАЛИШТЕ
Знам две осамени лулашки
две осамени, празни седла
во разрушениот парк
кој децата го избегнуваат
по кратко колебање-
личејќи на предмалку
премолчените зборови кои
никогаш нема да ги речам
Знам две осамени лулашки
две празни очи.
МЕТРИЧКИ СОВРШЕН ТРОМБ
Мојата крв
се побрзо коагулира
а веќе немам
со што да ја подмитам хартијата.
Во протокот на еоните
го чекам одливање
во секој момент чекам
мастилното пенкало да се зарие во
метрички совршениот тромб.
Ги наслушувам стрпливо
Фосилите во мојот глас-
моите најуспешни стихови
сонуваат во Александрија,
пулсираат на работ на мојот јазик
сигурен дека со крвта своја
ќе ги испишам.
НЕИЗУСТ
Струите ти низ ждрелото
огнени гласови
во коритото
под јазикот
ги потопуваш
Надојдени води
Помодрени усни
на твојот влив
неизуст
притока.
Превод и препев од црногорски на македонски јазик: Филип Димкоски