Интервју со Марија Јанчевска – Девојчето кое едноставно освојува

Интервју со Марија Јанчевска- Сакам луѓето да се среќни и насмеани а среќата да им ги оствари сите соништа

Разговорот го водеше Татјана Гогоска 

Марија, имаш 13 години а јас не знам од каде да го почнам разговорот со тебе. Ајде да почнеме од последниве неколку месеци. Што остави како активности во последниов период?

Да, имам веќе полни 13 години и влегов во светот на тинејџерите. Инаку сум ученик во основното општинско училиште„Димо Хаџи Димов“ Влае, Општина Карпош. Ова го кажав бидејки ќе се надоврзам за моите активности во месец ноември каде  го водев изборот на таленти во мојата општина Карпош каде и јас пред 4 години бев како учесник и го освоив второто место. Останатите проекти се снимање на спот за Театарот различни а еднакви ……па следеше читање на моите дела во литературата од двете мои издадени книги во салон 19,19….понатака се имав  настапи на Златно славејче, како солист со моја песна која се вика Споменар…..измеѓу ке ја играм театарската претстава и третото продолжение  за Евреите..и уште неколку кои веќе се стандардизирани како и секојдневните мои училишни обврски . Пред се сакам да ја истакнам и промоцијата на албумот на нашиот Тоше “Secret place” и спотот за неговата водечка песна  во кој имам носечка улога и кој заедно со екипата го снимивме и направивме толку добар како што беше и Тоше и како што тој заслужува.

Какво искуство беше снимањето во Крушево на спотот од песната на Тоше ” Secret place”?

Веќе погоре споменав –Заедно со многучлената екипа професионалци 6 дена го снимавме спотот на локации во Крушево, а подготовките траеја неколку месеци. Tоа претставуваше одлично искуство да се работи со луѓето инволвирани во спотот .Беше она, еден за сите –сите за еден и тие денови додека се снимаше целата екипа бевме како едно семејство и од таму се изродија како професионални така и приватни пријателства. Инаку Промоцијата на спотот заедно со албумот на Тоше “Secret place” беше во ноември минатата година на концертот во арената Борис Трајковски.

-Го спомена Златно славејче и песната Споменар. Што е за тебе овој Фестивал за деца и тоа најстар во Македонија? 

По долга пауза од мислам 4 години на последното издание на Златно славејче ја пеев  песната “Споменар“ чиј комплетен автор на текст, музика и аранжман е Александар Митевски. Веќе моите надежи се исполнија и оваа песна стана еден од хитовите кои се испеале на фестивалот. Инаку ова ми е втор пат да пеам на Златно Славејче како солист , а првиот пат беше 2014 година каде настапив со песната „Шминките на мама“. Се надевам дека и после оваа песна ме очекуваат и други предизвици во светот на музиката. Инаку Златно славејче го сметам за дел од моето детство.

Две книги поезија се зад тебе “Солза “ и “ Сентиментални отпечатоци на едно време„ Кога ги напиша и како дојде до тоа да ги издадеш?

Првата книга “Сентиментални отпечатоци на времето” ја создавав и пишував скоро една година а најзаслужен за нејзиното издавање беше мојот наставник и ментор Г-динот Марјан Костовски, кој ме бодреше и ми даваше едноставно енергија за пишување,додека пак втората книга “Солза” ја напишав по инспирација на раскажувањето на мојата драга сосетка баба Доминика за егзодусот на децата бегалци од Егејска Македонија и нивните тешки патешествија .

-Од каде ја црпиш инспирацијата?

Инспирацијата! па да инспирацијата ја црпам од животот,средината, околината, раскажувањата на луѓето со еден збор од случувањата во нашето општество. За жал во некои случаи поттикната сум и од револтот на луѓето кој ги бараат своите права или не наоѓаат начин да го искажат своето мислење, па го потиснуваат во себе. А на некој начин инспирација ми е и камерата и штиците во театар, а и моето мото дека ние живееме за да го дадеме најдоброто од нас во секој поглед, и на овој свет сме за да го изживееме животниот пат со полна пареа. Не ги оправдувам луѓето кој велат дека немаат од каде да црпат инспирација… доколку погледнеме со други очи, инспирација може да ни биде и дождот, и листот и списанието, само ние треба да го погледнеме поинаку за тоа да го сфатиме.

Кастинг Агенција-Лица

Во моментов кога не си ангажирана, со што се забавуваш?

Искрено можеби тоа е она што најмногу ми недостасува, слободното време за повеќе дружба со моите другари и повеќе прошетки во природа. Ретко наоѓам таква прилика, но доколку имам можност се обидувам да го искористам тоа на вистински начин. Се занимавам со моделинг и фотомоделинг во слободно време. Понекогаш знам и да насликам по нешто, а доста ме сполнува и цртањето модни креации.

-Твојата моментална најголема желба да ни ја откриеш !

Најголема желба?…па можеби се повеќе помали. Ете сакам кога ќе излезам надвор да гледам што повеќе насмеани лица, тогаш и јас се чувствувам многу посреќна ,Да го задржам и продлабочам знаењето во училиштето а на мојот професионален план ако може така да се каже да глумам и да ја имам главната улога во некој нареден добар проект.Како и во многу други интервјуа, би ја издвоила и онаа желба која повеќе би ја нарекла цел, да глумам во Холивуд или на Бродвеј.

А додека стигне Марија до Бродвеј, имате можност да ја гледате на даските што живот значат во Театарот за деца и младинци, во мјузиклот “Земја во која не се стигнува“.

 

 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.