Сонатна вечер со рускиот пијанист Евгениј Корољов во Македонска филхармонија

Исклучителниот руски пијанист Евгениј Корољов в понеделник (2 декември) во 20 часот ќе одржи рецитал во Камерната сала на Филхармонија.

На програмата се пет антологиски дела за пијано од големиот германски композитор Лудвиг ван Бетовен чие творештво годинава се чествува низ целиот свет по повод 250 годишнината од неговото раѓање. Публиката ќе има исклучителна можност да ги чуе безвременските ремек дела: Соната бр.8 во c-moll, оп.13- „Патетична“, Соната бр.13 во Es-dur оп.27, бр.1- „Квази уна Фантазија“, Соната бр. 14 во cis-moll, оп.27, бр.2: „Месечева соната“, Соната бр. 27 во e-moll, оп.90 и Соната бр. 23 во f-moll, оп.57- „Апасионата“.

Рускиот пијанист Евгениј Корољов (1949), роден во Москва каде што и студирал на Московскиот конзерваториум, живее и делува во Хамбург, а од 1978 година е професор на тамошниот Колеџ за музика. Заедно со својата сопруга, македонската пијанистка Љупка Хаџигеоргиева, го формира дуото „Корољов“, со кое настапува ширум светот и од своето постоење (1976) се здобива со значајни награди. За првото цеде на Корољов на кое тој ја изведува „Уметноста на фугата“ ќе добие извонредни критики. Композиторот Џорџ Лигети, на пример, ќе каже: „Ако треба да изберам едно музичко дело на пуст остров, тогаш ќе го изберам Бах со Корољов, кој би го слушал сè до мојот последен здив“.

Цедето со „Голдберг варијации“ исто така не само што доби добри критики, туку е оценето како култно издание и се здоби со мноштво меѓународни награди.

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.