На театарската сцена во Шангај и Пекинг годинава повторно прозвучи македонскиот јазик со Ансамблот на Народниот театар од Битола, кои на оваа сцена ја одиграа . претставата „Детето сонува“ од Ханох Левин, во режија на Итаи Доро.
На 14-дневната турнеја низ Кина тие шест пати пред шест илјадна публикa ја одиграа претставата и на тој начин битолските актери му го честитаа 75. роденден на Народниот театар, основан на 14 ноември 1944.
Битолскиот театар е единствениот во земјава кој со комплетна опрема, костимографија и сценографија има гостувано во Кина. Турнејата почна во Шангај, а потоа гостуваше на фестивалот „Лао ше“ во Пекинг. Публиката со овации ги проследи изведбите на „Детето сонува“, која е приказна за патувањето на мајка и дете кои бараат прибежиште по напуштањето на својот дом, откако војници го убиваат таткото, а нив ги протеруваат. Претставата во фокусот ја има голготата на мигрантите.
„Имавме одличен прием, со многу интервјуа, фотографирања и делење автограми. Во Шангај одигравме две, а во Пекинг четири претстави, по две во еден ден. Исто така наидовме на одличен прием, долги аплаузи и преубави критики“, рече актерот Петар Горко.
Претставата „Детето сонува“ беше изведена на македонски јазик, а истовремено одеше превод на англиски и кинески јазик.
Гостувањето се совпадна со свеченостите посветени на јубилејот 70 години од формирањето на НР Кина.