Уредник на рубрикатa: Филип Димкоски
Весна Мундишевска-Велјановска е родена 1973 год. во Битола. Член е на Друштвото на писателите на Македонија, на Битолскиот книжевен круг и на Македонското научно друштво – Битола.
Автор е на книгите поезија „Во сонот сон“ (1994), „Неспокојно сонце“ (1997), „Ден-денување“ (1999), „Птицоврик“ (2000), „Вонземски сводови“ (2001), „Вибрации на духот“ (2007), „Поетски дијалог“, коавтор: Милица Димитријовска-Радевска (2010), „ДвОглед“ (2015), „Срцевина/ Njedz di inimā“ – избор од поезијата на македонски и влашки јазик (2016), „ДвОглед/ DaOvider“ на македонски и влашки јазик (2017), „У чаури века“ – избор од поезијата на српски јазик (2019), како и на книга со критичко-есеистички текстови „Калеидоскоп“ (2017), а автор и коавтор е и на шест стручни книги. Нејзината поезија е преведена на повеќе странски јазици. Застапувана е во антологии. Добитник е на наградата за необјавена дебитантска книга поезија во едицијата „Алфа“ (Скопје, 1994) за книгата „Во сонот сон“, награда „Караманов“ за необјавена книга поезија (Радовиш, 2007) за книгата „Вибрации на духот“, наградатана Друштвото на писателите на Македонија за најдобра песна на манифестацијата „Празник на липите“ (Скопје, 2016), прва награда и јубилејна грамота на меѓународниот славјански конкурс за преводи (Русија, 2017), награда на МНД за научно-образовен придонес (Битола, 2018), награда „Бранувања“ за најдобра песна на манифестацијата „Струшки книжевни средби“ (Струга, 2019), и бројни други награди за поетски творби.
Главен и одговорен уредник е на списанието за култура – книжевност, драмска уметност, филм и издаваштво – „Современи дијалози“, член е на Уредувачкиот совет на Македонското научно друштво, а била уредник на списанието за книжевност, уметност и култура „Раст“, заменик претседател на Битолскиот книжевен круг, како и претседател на Друштвото за литература и култура „Развиток“ – Битола и на Книжевна младина на Македонија – ОК Битола.Амбасадор на мирот е во Cercle Universel Des Ambassadeurs De La Paix – Suisse/ France од 2016 година.
ЗЕЛЕН КРАЈ
Нашите баби и дедовци
не се вознемируваа
од мравките во мијалникот –
со гранче нане
им ја лекуваа стомачната болка
и ги изнесуваа во дворот
за да им зазелени просторот.
Ние се ежиме и кострешиме
ако ѕирнат од купот семки
во брачниот кревет на тромавоста
и со чај од пот
ја будиме
заспаноста
на правосмукалката
за да го ослободиме слепиот агол
на рајот во телевизорот.
ВИРТУЕЛНА РЕАЛНОСТ
Во кануа, галии и бродови
луѓе без визија
крстарат по застаклени сводови.
Горделиво степуваат
по проѕирни подови
(пот)продавајќи
(при)видна демократија,
услов(е)на слобода,
еее…,
слободоумност,
безумност,
умност,
ум,
но…
стОП
!
Пссссст!
Прст
извитоперено вперен
во паралелната повторливост
на недефинираната геометрија
на прстен(о)видната колизија
на прстенестите видови и свидни ѕидови,
вивисекцира нова визија…
………………………………… а ……………………..
што ако сме само украсни рипки
во аквариумот
на некоја друга димензија?
ПОТОП
Река од луѓе
ги напаѓа фасадите на старите градби
од главната улица во градот.
Вчекорувам во нивното темпо.
Ме туркаат, ме газат,
ми го оглушуваат слухот,
ми го дробат духот,
а јас трчам гушејќи си го гласот
за да го пресретнам доцнењето
затоа што
мобилниот телефон ми е на 13%,
а градскиот часовник покажува 13:13 часот.
Во аголот на сендвичарницата,
сместена на аголот
од главната улица и градот,
фамилија мравки работи на парче лепче
освоено од чавките.
По 13 секунди, испаничен келнер
со кофа вода ги полева мравките.
Реквиемот на ’рѓосаниот одвод
го шокира најупорната од мравјиот род.
Застанувам ожолтена
пред трепкавото светло
од семафорот на вкрстувањето
на улиците Шеталиште и Голгота.
Се вклучува алармот од мобилниот.
Во главата не престанува да ми звони
одекот на чудењето
што се залепило
до прашалникот од прашањето:
Кога нам ќе ни се случи Потопот
дали како 13-тата мравка ќе се тетеравиме
или
само ќе си ја голтнеме водата
и ќе се удавиме?!
Избор: Филип Димкоски