Вчеравечер во Драмскиот театар во Скопје, беше промовиран спотот на третата песна од македонското музичко творештво, во аранжманска преработка на Благоја Мицевски (Мелем Продукција) а во изведба на дуото Мартин и Стефан- Next time со вокална придружба на Викторија Чочоровска.
После првиот спот “Ја излези Ѓурѓо” во 2014-та година и “Слушам кај шумат шумите” во 2017-тата, третиот спот на музичката поема “Нешто ќе те питам бабо”, веќе создава опис на нивната музичка определба на македонската музичка сцена.
Македонското народно творештво несомнено е океан од музика, ноти, песни и ритам кој не остава никого рамнодушен. А Мартин и Стефан, кои се присутни на македонската музичка сцена 11 години, пред пет години се чини го најдоа музичкиот предизвик кој ја определува и по се изгледа ќе ја определува нивната музичка патека.
“Нешто ќе те питам бабо“ е македонска народна песна, долго време во минатото забранувана, а посветена на најконтраверзната личност во Македонската револуционерна борба и историја Тодор Александров. Но, музичкото богатство на оваа песна полна со емоции, ритам и музика несомнено е безвременско.
Спотот, едноставно Ве остава без здив а за тоа најзаслужни покрај музиката и музичкото дуо се, режисерот Огнен Шапковски, директорот на фотографија Кристијан Теодоров и постпродукцијата на Иван Куретевски.
Приказната полна со емоции и некоја скриена солза, раскажана за големите Македонски војводи и борци за слободата на Македонија, за неостварената љубов, за вековниот чемер, овој пат преку одличниот визуелен и музички епски спој, ја стана публиката на нозе, која ги награди со огромен аплауз и овации.
Од вчеравечер Next time побогати со уште едно вредно музичко и видео дело, а публиката оние што ги сакаат, слушаат и подржуваат посреќни.
Спотот веќе го има на јутубе каналот и како претходните два спота се очекува да доживеат милионска гледаност.