Деновиве од печат излезе книгата „Зборови со персиско потекло во македонскиот јазик” од доц. д-р Зеќир Рамчиловиќ. Ова е прва книга кај нас која ги проучува и ги диференцира персиските зборови од останатите со ориентално потекло. Зборовите во речникот се поделени во три групи: Зборови со персиско потекло; Зборови со дискутабилно потекло и Лични имиња со персиско потекло во Македонија. Во оваа книга во првиот дел дефинирани се 343 различни видови основни зборови со персиско потекло и 415 од нив изведени зборови. Во вториот дел како дискутабилни со веројатно персиско потекло има 134 зборови и 109 од нив изведени зборови. На крајот дадени се и 140 лични имиња, односно во книгата вкупно се дадени 1141 зборови. Голем белег на книгата и даваат 1319 пословици, умотворби, изреки, гатанки, извадоци од стари македонски народни приказни и песни, како примери во кои се користи дадениот збор.
„За време на специјализацијата по Османистика во Софија, видов дека влијанијата помеѓу јазиците во големата Османлиска Империја биле и повеќе од интензивни. Особено ми оставија впечаток големиот број на зборови кои во јавноста се сметаат за зборови од турско, но всушност се зборови со персиско или арапско потекло што беше и причината да го почнам истражувањето” – вели авторот Рамчиловиќ
Во понатамошниот период планирана е и промоција на книгата, истата ќе биде достапна за продажба во книжарниците во Скопје, и дистрибирана до библиотеките со цел поголема достапност до научната и пошироката јавност. Книгата излезе во издание на Диван, а со подршка на Министерството за култура и Иранската амбасада.