Licentia poetica со Мирјана Стојановска- Денес, сите букви молчат…денес, сите како да кријат..

 Уредник на рубриката: Филип Димкоски

Мирјана Стојановска е родена во Битола, во 1971 година. Дипломира на Филолошкиот факултет во Скопје, а магистрира на Педагошкиот Факултет во Битола, во 2012 година. Работи како наставник по македонски јазик.

Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 2007 година и  член на Претседателството на ДПМ во период од 6 години. Таа е прв претседател на Клубот на писателки „Даница Ручигај“ при ДПМ (2014-2018).

Во својот град Битола го води Здружението за наука и култура „НОВА“ кое единаесет години го организира традиционалниот меѓународен поетски фестивал „Поетски синтези“ во рамките на Битолско културно лето.

Автор е на книгите поезија:

-„ Хроносот на зборот“ (1995, Арлекин, Прилеп),

-„Двобој со тишината“ (2000, Арлекин, Прилеп);

-„Заѕидана врата“ (2007, Дијалог, Скопје);

-„Крст, триаглник и круг“ (2013, Дијалог, Скопје);

-„Оксиморонот на мојата пеперутка“ (2014, НОВА, Битола);

-„Џез во двокреветна соба“ (2015, НОВА, Битола);

-„Бегалци од својот дом“ (2017, НОВА, Битола).

Приредувач е на книгите: „Битолска поетска разгледница“(2015, НОВА, Битола), на детската збирка „Мојата татковина-мој дом“(2016, НОВА, Битола), на Зборникот „Поетски пораки за мир“ (2017, НОВА, Битола) и Зборникот „Битола во стиховите на младите автори“ (2019, НОВА, Битола).

Нејзина поезија е застапена во едицијата „100 тома Современа македонска поезија“ (НИД Микена, 2008 г. книга бр. 92, стр. 536-54).

Дел од нејзината поезија е преведена на англиски, српски, бугарски и романски јазик.

Пинг-понг

Пинг-понг

ми тропка топчето

во мојот желудник,

 

Пинг-понг

како плунка

ми кружи во устата,

 

Пинг-понг

ми се тркала на стомакот,

 

Пинк-понк,

ми враќа телевизорот,

 

Пинг-понг

си разменуваме удари

со мојот пријател,

 

Пинг-понг

кружат со надочниците.

 

Првпат,

вторпат,

Третпат.

Продадено.

Изгубено.

 

Мене в рака

ми остана топчето

 

Јунг-Јанг,

Пинг-Понг,

едно за мене,

едно за тебе,

за мене пинг,

за тебе понг.

 

Пинг-понг,

пинг-понг.

 

Растајнување тајна

 

Денес, сите букви молчат.

Денес, сите како да кријат

нешто од мене.

Тивко е.

Телевизиската кутија

ми прераскажува туѓи емоции,

а мене и моите чувства ми тежат.

 

Денес чудно ми звучи моето тело

како вртоглавица во кревет,

исчекувам што ќе биде

од овој чуден однос на силите

на зборовите околу мене.

 

Денес поинаку ми звучи историјата,

поинаку ги толкуваат моите тајни,

а јас како елка се ежам…

Дали нешто сокрив од себе?!!

 

Џез во двокреветна соба

 

Се слуша џез во мојата двокреветна соба,

во хотелот спроти мајка Тереза.

Сите настани завршија

и ноќта сега во мојата двокреветна соба

како оксиморон ми носи

пост наспроти мојата мисла

дека џез во двокреветна хотелска соба

е тешко сам да се слуша.

Каде ли отидоа сите басови во ноќта?

 

Не слушам ни чекор пред мојата врата

Слушам само џез

во мојата раскошна

двокреветна соба.

 

Избор: Филип Димкоски

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.