Со овации и одлични реакции од публиката, но и од стручната јавност беа проследени трите концерти кои Филхармонија од 1 до 6 oктомври ги реализира на успешната турнеја во Израел. На првото гостување во светата земја, оркестарот се претстави под диригентската палка на Маестро Јерухам Шаровски и со младата солистката Даниеле Акта.
Оркестарот на Македонската филхармонија одржа три концерти во Ерусалим, Хашарон и Ришон Лецион. Концертите беа во соработка со оркестрите во овие градови- Симфонискиот оркестар на Ерусалим и Оркестарот во Ришон Лецион со чии директори Јаир Штерн и Оферс Села, Виктор Илиески оствари средби на кои беа поставени основи на понатамошна соработка.
Филхармоничарите со овации беа испратени од сцените на Еруаслим и Ришон Лецион,каде тамошната публика особено позитивно реагираше на изведбите на делата од македонските композитори Глигор Смокварски – „Тешкото“ и „Прелудиум Пајдушка“ од Сони Петровски кое беше изведено на бис.
Покрај овие дела на програмата беа и Концертот за виолончело и оркестар од Едвард Елгар кој го изведе неверојатно харизматичната и виртуозна Даниеле Акта, како и познатата Симфонија број 9 „Од Новиот Свет“ од Антонин Дворжак.
На концертот на отворено во градот Од Хашарон на кој присуствуваа повеќе од 2500 посетители, Филхармонија изведе друга програмата – увертирата „Руслан и Људмила“ од Глинка, молитвениот „Кол Нидреи“ за виолончело и оркестар од Макс Брух, како и атрактивната „Увертира 1812“ од П.И. Чајковски. И овој концерт беше поздравен со воодушевување и овации од публиката.