Бел бор – Декоративно дрво од кое се добива етерично масло

Белиот бор (лат. Pinus sylvestris) е зимзелено еднодомно дрво, распространето на подрачјето на Европа и Северна Азија, на надморска височина од 700 метри на северните планини, а на јужните планини и до 1600 метри. Достигнува височина од 10-30 метри, а пречник до 1 метар. Расте од 150-300 години, меѓутоа забележани се и примери во Шведска и Норвешка каде се постари од 700 години.

За белиот бор се употребуват и други имиња како: див бор, чамово дрво за граѓа, шумски бор и сл. Познати се и неколку подвидови на белиот бор: Pinus sylvestris var. sylvestris, P. sylvestris var. zlatiborica и P. sylvestris var. decumbens. Коренот на белиот бор продира длабоко во почвата. Има висока, правилна крошна, која пропушта доволно светлина, пирамидална во млада возраст, а кај старите дрвја добива изразено неправилна, заоблена форма. Кората кај младите стебла е тенка, црвенкасто-сива, а во долниот дел на стеблото е темно- сива, длабоко испукана, обоена во црвено во пукнатините. Кората учествува со 12-18% во вкупниот волумен, а нејзината густина изнесува околу 300 kg/m3. Густината на дрвото во апсолутно сува состојба е околу 490 kg/m3, во просушена состојба е 510 kg/m3, а во сирова состојба 820 kg/m3.

Белиот бор има голема способност за размножување. Цвета од април до мај, а шишарките созреваат за две години. Се размножува со семе. Во медицината најмногу се користат младите пупки, иглиците или листовите и смолата. Пупките се берат од февруари до април кога се големи од 3-5 см. Сушењето е на обична температура, а можат да се сушат и во сушари на температура до 40°С. Се чуваат во хартиена амбалажа. Пупките имаат ароматичен мирис и горчлив вкус. На површината имаат многу смола.

Шишарките се појавуваат единечно или по две – три во пршлен. Искористувањето не влијае негативно врз репродуктивниот потенцијал и процесите на возобновување на растението. Нема потреба од систем на ротација и ограничувачки проценти во експлоатацијата.

Според бројни испитувања, утврдено е дека ова дрво содржи смоли, горчливи материи, танини и шеќери. Пупките кај белиот бор содржат доста минерални материи, а најмногу етерично масло до 30%. Етеричното масло се добива од иглиците со дестилација на водена пареа. Листот содржи витамин С, витамини од групата на В комплекси витамин К. Белиот бор е многу ефикасен лек за лекување на градни болести. Поседува и антимикробно дејство, како и антисептички својства, а при внесување во затворен простор, го освежува воздухот во самата просторија.

Надворешно од борот може да се користи боровиот катран кој се добива истовремено и од црниот бор и тоа за лекување на шуга, егземи и рани.

Младите иглички и пупки се користат како лек. Боровите иглички, како и кај сите четинари, препорачливо е да се користат веднаш по берењето, односно рано напролет, бидејќи кога ќе почнат да се сушат се губи витаминот Ц. После една година чување, целосно ја губат својата лековитост.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.