Licentia poetica со Славица Дабевска Ќировска-..Удри со нишалка по гради со колот да прсне срцето над твоите ребра…

Уредник на рубриката- Филип Димкоски

Славица Дабевска Ќировска е родена на 1.9. 1964 во Тетово. Пишува поезија и проза, ова е нејзина четврта книга. Досега ги има објавени следниве стохозбирки на современа поезија: „Булки покрај пругата“ (2011) „Венчаница“     ( 2012) и „Душа која грее“(2012).

Својата поетска даровитост поетесата ја претставува на читателската публика на бројни настапи на поетските средби во Македонија, Србија и Босна и Херцеговина. Досегашното поетско умеење е претставено на литературни портали, повеќе пати наградувана и пофалувана на поетските средби, за што зборуваат бројни дипломи и многубројни зборници во кои е застапена. Добитник на: Прва награда Велимир Раиќ- Алексинац(2015), Втора награда за Мисловна поезија Барајево (2015), Прва награда за учество на меѓународниот книжевен сабор Кирилица Огледало Српске Душе-Велики Поповац 2014(парична награда),  Втора награда за Духовна Поезија – Раковица 2014( златник), Повеља Миљковиќевих Вечери – Скулптура Теодора (2014), Втора награда Вихор- Дервента(2014) Трета награда на Меѓународниот поетки конкурс ,, Белоцветни Вишни- Казанлах – Р. Бугарија (2013). Целата творечка енергија ја усмерува во создавањето на уметнички дела па покрај пишување се искажува и во музиката и во сликањето. Знаењето и умеењето го усмерува и посветува во воспитување и образование на своите деца зошто работи како педагог во образовниот систем во Македонија. Член да Друштвото на писатели на Република Македонија. Живее, работи и твори во Тетово.

ВЕЧЕРЕН МОЛК

Ова ѕвоно што трепери в соби
под туѓо небо ме притиска сега
ах, на друго кое в псалми коби
над беда, е градот што ме стега.

Тагувај, сроден мој ѕвон. На болот
дај му она што ме чмае, црни едра.
Удри со нишалка по гради со колот
да прсне срцето над твоите ребра.

Тивко ѕвонат…Мислите сал ме јадат
О, покојот навечер секогаш ме мори
Молк…Сама сум… Во собата самјак!
Врз челото, мил твојот бакнеж гори…

Глувост! Јаки емоции! Напни, мисло
крени волја, ум и поведи ме по Ное.
Биди виор, бура, глас, од чун весло
заори во душава, со ѕвоното свое.

БАЛСКА САЛА

Горда, како икона, на својата става.
со букет, шамиче и чифт ракавици в рака
со безгрижност и смиреност изглед одава
пристигна во балската сала, душа ангелска.

Принцеза беше на сказните од балот,
кралска широчина на целата руба
паѓаше врз стапалото суво и мало
во чевелот накитен како цвет од изложба.

Ришот весел игра врз клучната кост,
не бере поток што страсно карпата ја мие,
ја чува срамежливо од шегите на суровост
раскошниот чар што сака да го скрие.

Блескави крупни очи празнина ги длаби
косите со венец украс од цвеќиња кружен,
се ниша млитаво на пршлените слаби.
Со чар околу вратот накитот е опкружен!

Плашлива некој ќе те нарече со грубост,
не разбирајќи ја, возвишеноста од зачеток,
на човечкиот скелет безимена убост,
Но во моите страсти ти внесуваш блесок!

Доаѓа полека со пламен на свеќа од далечина
на празникот на животот, или желба страсна
ме гони  балската сала со сета нејзина јачина
за таму да ја прикажам ставата раскошна.

Ме гони балската сала со сета своја убавина
од секој агол ме гледа неговата ведрина!

СОКАК ОД  ДЕТСТВОТО

Од детството се уште помнам:
Преку прозорецот се вѕирам втренчена
Во сокакот…Таму, како во каменолом
Пладнето под дрвјата прилега на вечер!

Тротоари, бразди, калдрми, кривина
Наблизу црква со гордо кубе
Сенка од црница со два ката што извива
Негде од ѕидот па се до ќошот крај тебе.

Зад капаците патеката се шири
Не воведува во бавчи густи
Одеднаш, неоти од женска стихија виори
Просто ти ги занемува устите.

Ројаци девојки како разиграни друшки
Наоколу се разлетале налик на птичји јата.
А расцветаните китки на црешовите овошки
Со лисја на прозорците им ја мијат правта.

Сокакот го живее своето минато,
девојките дишат со спомените од детството,
остана цветањето на црешата започнато,
сјајот на сокакот беше во заедништвото.

Избор: Филип Димкоски

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.