Новата сезона на МНТ, вечерва ќе биде отворена со премиерата на „Бесачи“

Претставата „Бесачи“, по текст на актуелниот британско-ирски автор Мартин Мекдона, а во режија на Јавор Грдев од Бугарија, вечерва (20 часот) премиерно ќе се изведе во Македонскиот народен театар (МНТ).

Главната тема во текстот „Бесачи“ е смртната казна, која во речиси сите европски земји е исфрлена од казнениот систем. Дејството се случува во 1960-ите во Англија. Смртната казна во Англија во тоа време се извршувала со бесење и во принцип, бесачите првично биле затвореници, а занаетот се пренесувал од колено на колено.

Во претставата играат Никола Ристановски, Кире Ѓоревски, Јордан Симонов, Камка Тоциновски, Дарја Ризова, Благој Веселинов, Ѓорѓи Јолевски, Славиша Кајевски, Владо Јовановски, Гораст Цветковски, Александар Микиќ, Александар Михајловски, Нелко Нелковски и Трајче Ѓоргиев.

Асистент на режисерот е актерката Звездана Ангеловска, драматург е Дејан Дуковски, а преводот на текстот го направи Благоја Бошковски. Сценограф е Никола Тороманов, костимографијата е на Свила Величкова, композитор на музиката е Калин Николов и извршен продуцент на претставата е Симона Угриновска.

Репризата е утревечер, а следните изведби се закажани на 8  и 9 октомври. Претставата е наменета за публика над 18 години.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.