Уредник на рубриката: Филип Димкоски
Васил ТОЦИНОВСКИ – поет, раскажувач, есеист, литературен критичар, автор за деца и млади, книжевен историчар, антологичар, преведувач. Роден е на 22 август 1946 година во Стојаково, Гевгелиско. Дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје на групата Историја на книжевностите на народите на СФРЈ (1969). На истиот факултет магистрирал и докторирал. Работел во Телевизија Скопје, каде што бил главен и оговорен уредник на Втората програма и на Секторот за училишна, образовна и научна програма. Бил привремен управник на Институтот за фолклор Марко Цепенков, а потоа се вработил во Институт за македонска литература. Бил раководител на Лекторатот за македонски јазик и литература на Филозофскиот факултет во Риека, Хрватска каде предавал пет предмети кои ги слушале 1244 студенти. Член на Друштвото на писателите на Македонија е од 1974 година. Добитник е на 32 највисоки државни награди и признанија: Климент Охридски, Крсте Мисирков, Гоце Делчев, Димитар Митрев, Гемиџиите, Златен прстен, Прозни мајстори, Крсте Чачански, Ванѓа Шашуле, Златно перо и други, како и на странските: Књижевно перо, Донат, Икар, Петар Канавелиќ, Горан Бујиќ книжевник и новинар. Бил главен и одговорен уредник на списанијата Современост, Македонски фолклор, Велес и уредник во Спектар, Стожер,Литературен збор, Књижевно перо, и актуелен уредник во редакциите на Канавелиќ (Корчула, Хрватска) и Национал (Тирана, Албанија). Носител е на национална пензија. Автор е на 24 книги белетристика и 39 дела од книжевната историја, 60 редакции и избори од македонското книжевно и публицитичко наследство, коавтор во 22 енциклопедии, учебници, прирачници и зборници, во земјата и странство публикувал 338 книжевно-историски студии и 483 есеи и критики. Преведуван е на повеќе од дваесет јазици, а за неговите дела објавени се над седумстотини критички прикази, студии и осврти.
Поезија:Тајна во сонот (1972), Отворени порти (1979), Ден за игра (1981), Затворен ковчег (2011).Раскази: Птици во кругот (1978), Гласот што се чека (1983), Трета казна (1993), Сушачко попладне (2010), Грлици (2016).Романи за деца и млади:Мегдан за игра (1989), Златокосото дете (1992), Ден потоа (2001). Раскази за деца:Отвори четири очи (1986), Ѕвони двапати (2002), Легенди и преданија (2003), Златна книга на легенди и преданија (2004), Приказни од градинка (2010), Победници (2010). Поезија за деца:Криенка (1985), Некои чудни бои (2004).Есеи, коментари и рецензии: Зборот на времето (1993), Волшебности на зборот (2006), Времето го нема (2007), Кон трајните вредности (2008), Умни книги (2010), Мост од ѕуница (2011), Пурпурни дождови (2013), Град со душа (2016).Хуморески: Настан во автобусот (1974), Свилена буба (1982).
Интервју: Свето Стаменов: Слово за зборот со проф. д-р Васил Тоциновски (2017). Книжевно-историски студии: Моќ на поетската реч (1980), Светлина и текови (1987), Низ книжевниот континуитет (1996), Трагачи по вистината (1998), Судбини на откорнатикот (1998), Возбуда по зборот (2000), Време минато и сегашно (2002), Тајни и трајни пораки (2003), Гемиџиските пораки (2004), Со живот за живот (2005), Нашите тажни страници (2005), Скришни нешта (2006), Златниот клас (2007), Коренот (2008), Предвесници (2010), Берачи на ѕвезди (2013), Столетни опстојби (2012), Варна на мојатан младост (2015), Лов на елени (2015) Златоусно слово (2018). Монографии:Живот и сцена (1987), Зборот куршум и динамит (1990), Поет изгнаник (1990), Жаров бунтар и буревесник (1994), Коле Неделковски (1997), Тројца кружочници (1998), Род и пород (2001), Преводите на македонскиот 19. век (2005), Пролетни бури (2006), Расказот на македонскиот 19. век (2009), Кон Арарат (за прозното и драмското творештво на Петре Бакевски, (2009), Враќање нема (2012).
ОД ЕДЕН ДО ДРУГ БРЕГ
Преплавени се душата и мислата
од убавините на морето со знак на изненада
од острови, полуострови, заливи, марини, гребени,
окото се претворило глобус со долги и далечни
патувања на големи населби од луѓе
во потрага по нова и неизвесна среќа
некаде далеку зад големата вода
како преплашен сон и преполовена верба
оти нашето море го нема и некој го украл
Но тука неотуѓиво е нашето Калиманци
чувано од најубавите планини на светот
па нивното богатство потекува ко млада крв
за ронка надеж во денот утрешен
што е тајна врата за влез во иднината
оти таму некаде на крајот од тунелот
чека зрак светлина за поздрав човечен
за добредојде во сопствената приказна
растегната бесмислено од еден до друг брег
Меѓу нив бескраен и таинствен простор
со убавината како природно човечко право
од Јадранско Море со љубов безмерна
до Калиманци од чии води испливува рака
ме подзема и милно ме втурнува во ново раѓање.
ЛАВИРИНТ
Темни и морничави ходници низ лавиринтот
во Клиничкиот центар се поразија
од отуѓеност и недоразбирање, на злодоба
што натежнала во просторот кој секој миг
чувствуваш ќе се урне и ќе те закопа в земја
Тажни и болни луѓе, неутешно изгубени
ниту добар збор за утеха од заскитани
доктори, сестри, болничари и безработници
Лек за раните и болките нема
долги чекања од една до друга врата
воздухот е здив со мирис на убиство
нозете и рацете папсале, се уриваат
мислата во мрак со глава удира и се распрснува
каде ли се запустев се уми кутриот човек
и му побегнува прашањето има ли крај
одот по маки оти нема смисла животот
да се носи како болка, да биде отворена рана
И така бескрајно патување
од една до друга врата со прокоба оти
проклетство е да се чукне на затворени порти
В миг се излегло од мистичниот круг
ах, колку убав миг, о, неповторлива радост
од блескотот и топлината на уште само еден ден за живот.
НА ОДМИНУВАЊЕ
Неочекувано си замина чудесното циганско лето
престорувајќи ги времето и просторот пустош
Под жолтото лисје занемеа
сите соништа и копнежи
се изгубија детството и младоста
пеплосале со нив и слатките спомени
улиците се пустелија со ретки минувачи
заскитани и гладни кутриња
терасите пред кафулињата и рестораните
се празен и глув спомен за едно минато време
тага за некои златни времиња
Се притаила душата преплашено
и скришно потпевнувајќи стари песни
за луѓе, времиња и настани
кои некогаш биле живот, биле и минале
не се вратиле оти поинаку и не може да биде
само есента студена и сива наврапито
налегна над градот престорен во затворена школка
среде дождови и дрвја со подадени црни гранки
кои ја покажуваат разголеноста
на ова забрзано и поревртено катадневие
Човекот стои сам и збунето гледа
оти времето поминува како ништо да не било.
Избор: Филип Димкоски