Интервју со ГОРАН КОШИ, Хрватски театарски, филмски и телевизиски актер
Разгворот го водеше: Филип Димкоски
Куларт.Мк беше во посета на Фестивалот на камерна драма „Ристо Шишков“ во Струмица, токму на ден по отворањето на неговото дваесет и седмо издание. Ја проследивме претставата “Аудиенција“ од Театарот Вировитица, од Хрватска. Претставата е по текст на Вацлав Хавел, во режија на Предраг Ференчина, а играат Драшко Зидар и Горан Коши. По завршувањето на претставата, која се одигра пред полна сала на Малата сцена од театарот „Антон Панов“ во Струмица, следеше дискусија за истата, модерирана театарските критичари Гоце Ристовски и Тодор Кузманов.
Времето по завршувањето на дискусијата го искористивме за кус разговор со познатиот хрватски актер Горан Коши. Роден е во 1977 година, а од 1997 е вработен во Театарот во Вировитица. Одиграл голем број улоги во претстави за деца и претстави за возрасни, а се појавува и како филмски и телевизиски актер. Последниве години активен е и во телевизиски серии и во повеќе театри ширум Хрватска. Добитник е на повеќе значајни награди меѓу кои награда за најдобар глумец на фестивалот ASSITEJ 2004 во Чаковец, заедно со неговата колешка Хелена Миниќ во претставата „Трг ратника“ , која е прогласена за најдобра претстава на фестивалот. Добитник е и на престижната Награда од хрватското глумиште за најдобар глумец во претстава за деца во 2006 година. Од поновите награди, ги издвојуваме наградата за најдобра машка улога на фестивалот во Скрадин и наградата за најдобар глумец на фестивалот Мутралии.
Аудиенција е дуодрама која претсавува мал политички сатирокон на чешкиот автор Вацлав Хавел. Што сака да пренесе, да каже, да поттикне Аудиенција преку ликовите на Сладек и Ванек?
Луѓето го губат своето јас во општеството. Така е во Хрватска, а претпоставувам дека и во Македонија е така. Тие стануваат робови на некого или на нешто. Претставата е многу актуелна на нашите простори, а мислам дека и пошироко. Мило ми е што дојде до соработка помеѓу Струмица и Вировитица и што имаме можност овде да ја прикажеме претставата. За жал Струмица се уште нема театар, но ете има некои најави. Ќе се радувам ако Струмица добие театар и ако натаму направиме поголема соработка. Верувам во соработката со сите држави од поранешна Југославија. Различностите само можат да не спојуваат, а не да не раздвојуваат. Немаме јазични бариери, односно тие се многу мали. Јазичното разноличност и културолошките разлики се богатство. Нашата соработка може да биде само корисна за нас и за нашите нови поколенија.
Колку се пронајдовте во ликот на Ванек, драмскиот текстописец кој е приморан да работи во пиварница? Колку Горан е Ванек, а Ванек е Горан?
Ванек е херој на чешката литература и на чешкиот народ. Во секоја држава во регионов, постои Ванек. Кога таквите како Ванек ќе се здружат, тогаш ќе се случи вистинска промена. Немам икуства како Ванек, барем не од тие размери. Но од моето лично ускуство знам дека, ако немаш врска, не можеш ни еден обичен документ да добиеш навреме, не можеш ни кај доктор да отидеш кога ти е итно. Мораш да си со книшка, но не здравствена туку партиска. Луѓе како Ванек за жал постојат.
Денешниот театар многу често се занимава со социјални теми и сака да ги истакне проблемите од секојдневното сивило. Театарот ги покажува општествените проблеми, но дали успева да донесе решение?
Мислам дека не. Не сум поборник за театар кој ќе биде само обична забава. Не сакам театарот да е место каде гледачот ќе дојде, ќе се напие пиво, ќе јаде пуканки и ќе си отиде. Задача на театарот е да проговара за проблемите. Со тоа што ќе се проговори, не значи дека театарот ќе го реши тој проблем, туку ќе го реши оној што ја гледа претставата. Но, денес театарот е ставен на маргините, и не му се дава значење какво што заслужува. Верувам дека со упорност може и мора да се успее.
А публиката, успева ли суштински да ги сфати нештата што вие ги прикажувате на сцената?
Да. Повторувањето е мајка на знаењето. Ако денес за одреден проблем мислиш една минута, за неколку дена за истото ќе мислиш две минути, па за еден месец сигурно ќе размислуваш еден час околу истиот тој проблем. За една година ќе пробаш сам нешто да направиш, да смениш. Колку тоа е дозволено е друго прашање. Ни се пласира дека живееме во демократија, но демос е демон.
Мора самите со себе да разговараме во четири ѕида. Треба да се проба. Треба прво секој да си измете пред својата врата. Вториот сосед ќе измети пред неговата, третиот ќе ти помогне тебе, а следниот ден ти ќе ја изметеш и од првиот и од вториот оти едниот отишол на море, а кога ти нема да си тука, третиот ќе измете и пред твојата врата, потоа можеби и тројцата ќе се напиете по едно кафе заедно. Може да се поздравите и во лифт. Оттуѓени сме едни од други и малце се дружиме. Луѓето не се поздравуваат и не разговараат. Очигледно малку размислуваме оти не се дружиме ни со самите себе. Трачаме за пари, за леб. За сето ова театарот треба и мора да зборува.
Каква е хрватската театарска сцена, според Вас?
Театарот кај нас преживува тешки денови. Од една страна баш заради тоа што дел од него се занимава со зборување за секојдневните општествени и социјални проблеми, а другиот дел е сведен на обична евтина забава. Живееме многу брз живот и се згрозуваме од претстава која трае два часа, но да бидеме во кафана два часа, тоа воошто не ни е пречка. Брзината на секојдневието театарот не може да ја следи. Искрениот, вистинскиот театар не може да функционира на брзина. Брз театар ви е како брза храна. Јадеме во сендвичари оти немаме време да готвиме дома. А што си добил од брзата храна? Само ситост, а на долгорочен план болест. Така е и со мозокот. Само поминуваат информации низ нашата глава, немаме време да размислуваме и промислуваме. И добивате безлични луѓе кои само така се шетаат низ светот.
Кои се вашите професионални планови и идни проекти и дали наскоро постои можност за повторна соработка со македонските театри?
И фестивалот „Ристо Шишков“ е член на NETA (New european theatre action), така што мислам деќа ќе има соработки меѓу Македонија и Хрватска. Би било добро да се направи една заедничка претстава со македонски и хрватски актери. Секогаш проблем се парите. Но, кога малку повеќе би се споиле би биле посилни. На мој личен план, си посакувам добро здравје. Долго сум во театарот и важно ми е само добро да се чувствувам на сцената. Има добри текстови, но јас како актер зависам од оној што ги избира текстовите. Се молам за добро ментално здравје на тие што ги бираат текстовите (се смее). Ним да им е добро за и мене да ми е добро, а ако јас уживам на сцена, ќе ужива и публиката.
Инаку, во петте фестивалски денови на фестивалот „Ристо Шишков“ ќе се одиграат десет претстави од театри од Бугарија, Хрватска и Македонија со учество на педесетина актери, кои ќе се докажуваат со својата актерска игра за единствената награда за високо актерско остварување „Ристо Шишков”. Наградата се состои од златен медалјон со ликот на патронот на фетивалот-актерот Ристо Шишков и парична награда во износ од 1.500 евра.
Жири комисија ќе ја предводи ланскиот лауреат, актерот Благоја Чоревски, а членови се професорот Кољо Вандов од Бугарија и режисерот Драган Јаковлевиќ од Србија Во рамките на Фестивалот се одржува и деветтото издание на камерна драма НЕТА (Нова европска театарска акција).