Ристо Крле е роден во 1900 година во Струга, како син на кондураџија. Неговото школување било краткотрајно со чести прекини. До Првата светска војна, тој го завршил основното училиште и една година од средното училиште. Потоа, до 1916 година паузирал со образованието. Кога Македонија била под српска окупација, тој решил да го продолжи своето образование и успешно завршил уште една година од средното образование. Но, за жал, образованието на Ристо Крле било уште еднаш прекинато поради смртта на неговиот татко. Потоа, тој немал можност да го продолжи своето образование. Како младинец, тој се вработил, и по завршувањето на Првата светска војна, ја наследил професијата на својот татко – станал кондураџија.
Во својата „Автобиографија“, Ристо Крле искрено раскажува како тој, иако физички работник, дошол на идеја „да продава памет“. Него го потресол еден трагичен случај – убиството на единствениот син кој по долги години се вратил од печалба дома. Не препознавајќи го, неговите родители, подмамени од можноста за лесно збогатување, го убиле, а потоа, кога дознале што сториле, мајката ја удрила капка, а таткото се самоубил. Ваквите случаи, иако драстични, не биле осамени и кај нас, а и во многу други земји што живееле во слични услови. Крле укажува дека сказната за оваа потресна случка ја слушнал од некој селанец во Подградец , каде што тој извесно време работел како кондураџија. Селанецот дошол во дуќанот на неговиот мајстор да побара чевли за убиените. Иницијално, Крле немал поинакви претензии освен, прогонуван од потресноста на оваа неизмислена животна драма, да го опише случајот, да си го испроба талентот, т.е. како што кажувал самиот тој, да се отсрами пред жена си, пред која не еднаш се фалел дека ќе го опише ова, по малку неверојатно, убиство.Така настанало неговото епско драмско дело „Парите се отепувачка„.
Тој е македонски драмски писател и еден од првите членови на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ). За своето творештво, тој бил добитник на наградата „11 Октомври“ за животно дело.