Интервју со Петар Мирчевски за 40-те години актерство-Имам се, 170 премиери, 30 филмови, само немам фејсбук профил, ни вибер!

Петар Мирчевски! Славен актер. Денес одбележува 40 години професионална актерска кариера и исто толку години на штиците што живот значат, во Битолскиот народен театар. Лесно го изоде патот од тие штити до Моника Белучи.

Режисерот Милчо Манчевски го нарече „македонскиот Роберт де Ниро“. Имате дилема и тешко е со познатиот Пепи да разговарате на „Вие“. Не ви оди ни вам, ни нему. Од друга страна на „Ти“ па не смее, причини куп.

Пред да вклучиме диктафон, во бифето на БНТ, ни кажува дека во светот на социјалните медиуми не е регистриран, нема фејсбук, нема маил, кога ќе му пратат сценарија на мејлот од синот тој му ги печати и ги учи од хартија. Хрватскиот актери режисер Дејан Јачимовиќ го убедува да купи еден „нормален“ мобил и да стави вибер, зошто скапо го чинел. И ред други мали „дребулии“ со кои Пепи ме засмејува уште на почеток на средбата, со напомена дека одговара за се,освен за политика. „Не брзаме, вели Пепи, ќе си разговараме полека на раат“.

Почнуваме да муабетиме лабаво, без ред.

-…а Моника Белучи ако посака да си чатувате?

Петар Мирчевски: Ха, ха, е за неа ќе купам еден убав мобилен.

Така е тоа кога си ни најголематата филмска ѕвезда во Македонија?

Петар Мирчевски: Македонија и ѕвезда, нема врска. Туку, со Моника, заедно игравме во филм на Кустурица, од Македонија јас и Северџан Бајрам.

Не, не, да не бегаме од темата. Сепак имате ѕвезден статус, сте играле кај светски познати имиња, Милчо Манчевски, Кустурица…

Петар Мирчевски: Да, да, да и кај Дејан Јачимовиќ играв (познат по тоа што глумеше во филмот „Парада“). Со него имам три филма снимано, „Јел јасно пријатељу? “, „Морам спават анџеле“  и сега снимавме еден „Анка“ според Мато Ловран, тоа е детски филм, како еден вид „Господар на прстените“ за деца на хрватски јазик.

Последен филм што го снимавте во Македонија беше „Врба“ со Милчо Манчевски, снимање кое предизвика внимние и исчекување на премиерата.

Петар Мирчевски:  Минатата година ми беше уште една година за филмови. Снимав во три филма, снимав со Теона Митевска, „Господ постои името и е Петрунија“, потоа снимав со Владимир, тој филм не е излезен, и снимав со Милчо. Јас кај Милчо играм ви сите филмови. Упатив и јавна порака „ако не му е се срам да ме земи во следниот филм“ (се смее). Пријатели сме се шегуваме. Неодамна снимав и под палката на Драган Бјелогрлиќ, втора сеозна „Сенки на Балканот“. Тоа е серија, минатата година се емитуваше на Македонска телевизија, првата имаше десет продолженија сега е втора сезона. Таму  играат повеќе македонски глумци Петар Арсовски, Тони Михајловски, Аксел игра,сега е е приклучија Ѕвездана Ангеловска и Сара Климовска, младата и одлична Сара со која играм во филмот на Милчо.

Веднаш по снимањето на „Врба“добивте и награда од еснафот, „Златна рамка“ од Друштво на филмски работници. Тоа е прв пат востановена таква награда.

Петар Мирчевски: Годинава беше прв пат. Доделија награда за филмски актер, филмски работник и филмски автор. За филмски актер добив јас, за филмски автор доби Жаклина Крстевска- костимографката, а за филмски работник Петар Богоевски – светло мајстор.  Оваа награда  ми е драга, испаѓа како да е за животно дело. Всушност, од филмски работници е најрелевантна награда.

Наградите никогаш не ве заобиколувале, ги имате бројни, се сеќавам кога своевремено правевме интервју тука во Битолскиот театар, актуелна беше наградата на ревијата „Екран“.

Петар Мирчевски: Тогаш во 1991 година добив награда за Сирано де Бержерак од ревијата „Екран“ и бев прогласен за  актер на годината. Ја добив и наградата за животно дело од Здружението на драмски уметници, „Петре Прличко“ и од општина Велес, бидејќи Прличко е од Велес. Тоа е исто така драга награда во Прилеп.

Колку награди се бројат?

Петар Мирчевски: Не знам јас немам ништо, немам СВ, немам фејсбук, немам ниедна фотографија од претстава, немам ништо од филм, тотално ништо. Ова не е за фалење, но ете не сум архивирал.

А имате снимано и со Моника Белучи, филмски е некако.

Петар Мирчевски: Инаку е за резил што немам. И што, награди имам за животно дело на Петре Прличко од Здруженија на драмски, „Златна рамка“ имам од здруженија на филмски работници. Имам награда на град Битола „4 ноември“, имам награда за Сирано добиено во Прилеп за најдобро актерско остварување, награда за „Мајсторот и Маргарита“ за најдобро актерско остварување и награда во „Каза Балкан“ за најдобро актерско остварување во епизода. Исто  за најдобро актерско остварување „Златна маска“ во Охрид на „Охридско лето“, имам награда добиено во Смедерево на „Нушичеви дани“ за  најдобро актерско остварување, а пред тоа имам награда за најдобар млад актер на „Млад борец“, имам „Златна Бубамара на популарноста“, имам доста.

Наплаќате веќе автограми после вакви награди?

Петар Мирчевски: Нее. (Се смее). Многу ми е драго децата кога сакаат да се сликаат, многу ми е задоволство. Ме препознаваат. Баш сега во Белград кога бев дека голем град не очекував, но ме застануваа на улица. Затоа што, јас во Србија играв и во една серија „ Чизмаши“, таму играв некој газда на бордел, со многу познати глумци. Одам по улица и срдечни луѓе ми довикуваат „Вие сте Петар Мирчевски?“. Го гледале „Пред дождот“, ја гледале серијата „Сенки над Балканот“… “Може едно пиво да се напиеме?“, „Може“, им велам. По улица или во кафиќ, кафанче кога ме застануваат, драго ми е..

Реално земено од мнозинството актери кај нас Вашата кариера е стабилно секогаш на ниво, секогаш во подем.

Петар Мирчевски: Да, засега е така. Играв и во триесет епизоди од една турска серија „Збогум Руменлија“ и ми се случи, кога тука во Битола дојдоа група Турци, бидејќи на Широк сокак нели има спомен соба на Кемла Ататурк и Елени Харинте, една група туристи ми зборуваат на турски. Јас на англиски им велам „не знам јас турски“. „Како, велат во серијата многу добар бевте“. А јас турски зборувам во серијата, но јас турски еден збор не знам. Освен овие стари зборови што ги имаме што ги имаме усвоено кај нас.  Ертан Шабан колегата што е во Истанбул го  прашувам „ како зборувам турски?“. Ми вели “добар си многу си пристоен. Подобро отколку Турците што живеат во околните села“.

Пепи, навистина многу убава кариера искрено кажано.

Петар Мирчевски: Фала му на Бога. Денес  правам точно 40 години професионална актерска дејност. Јас сум вработен во Битола на 1 септември 1979 година. Меѓутоа го одбивам воениот рок и значи напролет е некаде.  40 години професионална театарска кариера и 40 години во Битолски театар. Ама имав среќа гостував и во други театри. Работев и во доста копродукции, домашни и странски. Работев и некои копродукции во Мкц, работев во Универзална сала. Два пати гостува во Македонски народен театар. Минатата година гостував кај Иван Поповски во „Мајсторот и Маргарита“. И пред тоа кај Владо Цветановски во „Животот е сон“. Во Драмски гостував и во претстава на Љубиша Георгиевски „Далај Мама“. Исто во негова претстава играв и во Битола, а потоа гостував и во Скопје со друга улога. Тој е негов текст и негова режија. Инаку јас дипломирав кај Љубиша во 1979 година, и како што реков веднаш потоа се вработив во Битолски театар.

40 години, и наскоро ќе уживате во плодовите на своите успеси.

Петар Мирчевски: Немам полни 63 години за пензија, но ако е до 67 јас ќе си продолжам, сакам да работам.  Видете, јас мислам за актер пензијата е условна работа. Еве Чоре е во пензија ама игра редовно (Благор Чоревски н.з.).

Сега подготвувате нова претстава. Ги памтите ли сите реплики, кога работите.

Петар Мирчевски: Немам проблем јас со тоа. Јас на пример некои претстави што ми оставиле длабоки траги и ден денес ги паметам. На пример од „Сирано“ си шибам монолози и сега. Од Едмон Рустан, во режија на Љубиша. Јас мислам дека таа претстава ми беше како отскочна штица. Потоа кај Љубиша јас играв многу значајни улоги. Играв на пример „Сирано де Бержерак“, играв „Ричард Трети“ во негова режија,го играв Полони во „Хамлет“,Морфов во Декамерон. Со значајни режисери сум соработувал Бора Драшковиќ,со Иван Поповски. И нормално сите наши Слободан Унковски, Љубиша Георгиевски, Милчин, Ацо Поповски, Владо Цветановски.

Ве бараат или се пријавувате?

Петар Мирчевски: Најчесто ме бараат, не се пријавувам. Ја имам таа шанса да не бараат.

И Кустурица ве побара?

Петар Мирчевски: Јас мислам дека некој ме препорача. Мислам еден пријател кој живее во Чешка, но тој е толку скромен што вели не.

Со Моника кога се сретнавте, како изгледаше сето тоа?

Петар Мирчевски: Ех обичен човек е таа. Големите ѕвезди се едноставни, многу е убава, и како човек е убава. Многу многу убава. Не лета во нешто препотенција, ароганција нема нема ни потреба, зошто си знае која е.
Таа е најголема актерска ѕвезда со која сте снимале, како и со Шербеџија во „Пред дождот“.

Петар Мирчевски: Со Шербеџија сме и пријатели. Со него сум снимал повеќе филмови во негова режија играв во „Ослободување на Скопје“. Во „Прашина“ играв со Дејвид Венан и Џозеф Фајнс, со Ванеса Редгрејв во „Пред дождот“. Кај Бјелогрлиќ играв со југословенска плејада на глумци. Со Мики Манојловиќ. Со Богдан Диклиќ, со Милена Зупанчиќ, со Мустафа Надаревиќ. Со големи ѕвезди.

Со големи ѕвезди покрај кои блескате и Вие, особено за македонското глумиште.

Петар Мирчевски: Добро, скромноста не знам дали е доблест но да не се пофалам ама можам да констатирам, дека добро ми оди, дека добро котирам.

Ве заморува ли професијата или наоѓате комплетно задоволство во неа?

Петар Мирчевски: Па, по некогаш. Кај зас знаете каква е професијата, некогаш имаш многу работа, некогаш помалку. Некогаш ми доаѓа преку глава ама по два дена пауза пак сакам да работам. Во последно време не дека го запоставувам театарот и дека не го сакам, меѓутоа ми се чини дека малку се заситив од него затоа што јас имам меѓу 160 и 170 премиери одиграно, и над 30 играни филмови. Плус кратки филмови, серии,тв драми Тв филмови, образовни. Имам среќа и надвор од Македонија да снимам.

По се ова, очекувате уште поголема улога?

Петар Мирчевски: Па секогаш има можност. Неодамна имав една голема шанса ама нема ни да ја спомнам , влегов во голема холивудска продукција во Белград и влегов во тесен круг преку видео на кастингот, потоа таа улога ја доби еден од Холивуд. Инаку, филмот беше со Џони Деп. Јас сум задоволен досега, вака релативно. Макар што уметникот  по дифолт вели „Никогаш не сум задоволен до крај“.

Има еден интересен феномен особено за Вас, обично сите ние ако си во помало место се жалиме и велиме дека успехот е недостижен,„не јас тоа можам да го достигнам, јас не можам да станам голема ѕвезда“, а кај Вас е обратно, 40 години сте константно на врвот иако потекнувате и живеете во средно големо место, а не сте во Скопје.

Петар Мирчевски: Па, не, јас мислам не сум ѕвезда, но, работам доста. И работам доста квалитетни работи и во однос на филм и во однос на театар. Мислам јас сум и благодарен што веднаш по дипломирањето дојдов во Битолски театар, затоа што тогаш немаше голем број на глумци и многу работевме. Ни се даде шанса. Видете, глумата е како фудбал ако не тренираш се заборава. Треба некој вид на тренинг. Некогаш ме прашуваат „Зошто те земаат“, им велам „Не знам, прашајте ги нив зошто ме земаат“.

Македонскиот Роберт де Ниро, нели? Така некако доаѓа за некој што е во најдобрите веќе 40 години и е во секој значаен филм.

Петар Мирчевски: На Милчо Манчевски еднаш му велам „зошто ме земаш во сите филмови?„ Тој вели „па Скорцезе Како го зема де Ниро во сите филмови, зошто јас да не те земам“. „Ама, му велам, тој се префрли сега на Леонардо си Каприо, на помлади“, а Милчо се смее.

Кај нас нема засега пандан на Леонардо ди Каприо во помладиве, нема таква замена, па си останувате уште вие.

Петар Мирчевски: (Се смеее). Да не се жалам, сум работел со разни квалитетни филмски и со режисери театарски.

Сега и синовите се актери , Мартин и Филип. Сакаат да бидат баш Пепи или?

Петар Мирчевски: Не знам, дај Боже да бидат повеќе од Пепи. Мислам дека добро напредуваат, да не ги фалам моите синови, но добро котираат како актери.

Ви се допаѓа што ја одбраа таа професија?

Петар Мирчевски: Ниту знам дали ми се допаѓа, ниту знам дали не ми се допаѓа. Ниту ги натерав да бидат глумци, ниту ги оспорував. Само им кажав да не се занесуваат дека се запишуваат на академија. Им реков „ако ве примат, ве примат, но кога ќе завршите некој да мислите дека сте ѕвезди“. Оти кај нас, за жал, завршат ли академија и се мислат ѕвезди. Се знам со некои продуценти кои велат „абре оној уште дипломска нема положено, некои услови финансиски поставува. Ми вели агентот да ти го пуштам“. А во Македонија, и агенти…

Е тука дојдовме до еден интересен момент, финасиите ги спомнавме.

Петар Мирчевски: Ех тоа е болно прашање (се смее).

30 филма и 170 улоги значи некоја можам да претпоставам дека е сума со седум цифри на конто.

Петар Мирчевски: Е се знае кај нас кои ни се можностите, финансиски. Има актери што снимале и повеќе од мене, повозрасни се, да не ги спомнувам сега, па живеат најнормално. Не може кај нас богат да бидеш, како актер. Како режисер и продуцент можеш финансиски подобро да стоиш, како актер не. Макар што мислам тое не е примарно, битно е за мене е дека најголемо задоволство ми е што го работам тоа што го сакам. Гледав еднаш едно интервју со Горан Бреговиќ- вели абре јас го работам ова за пари што би го работел и за беспари. Нема поголем ќејф од тоа да го работиш тоа што го сакаш.

Некогаш не ти дошло да речеш „ех како не бев некој банкар“, да речиме.

Петар Мирчевски: Не не не. Пари да бројам и да седам во канцеларија, не можам да замислам.

Овде ти е полесно да си ангажиран, текстови си учиш и тоа е тоа.

Петар Мирчевски: Задоволство ми прави. Не, некогаш ми пука и филмот, но брзо се враќам во колосек некогаш јас не знам пред се е  години кога ми се случи, истовремено снимав и филм со Раде Шербеџија, Филмот со Кустурица, филмот со Дејан Ачиновиќ, работев  претстава со Иван Поповски, не знаев каде сум. Одев во Белград ме потрсрижуваат за едниот филм, таму снимам се враќам овде нешто друго ми прават, ми се случуваше во еден ден да бидам Скопје, Белград, Загреб, за три различни работи. Ваму шминка ми прават за ден филм во Загреб, ме стрижат за филмот на Шербеџија во Белград, кај Иван Поповски ми пробува маска за мачорот во „Мајстори и Маргарита“,хаос, ама беше убаво.

Ама тоа и го одржува духот, младешки, тинејџерски.

Петар Мирчевски: Јас сум човек од динаминака, убаво ми е кога е разбранувано.

Добро, имате една предност вие Битолчани кога се случуваат да речеме некој период со повеќе ангажмани, сепак градот е мирен и ве смирува.

Петар Мирчевски: Иако се знае дека центарот на случувањата е Скопје, мене ми е пријатно што живеам во Битола. Не ми „мањка“ тоа, застапен сум и во театар и во филм, сум гостувал на многу сцени низ Македонија, на меѓународни фестивали, снимам филмови во Србија, во Хрватска, во Словенија. Не ми пречи, тука ми е најубаво, оти тука ми е семејството. Си имам две внучиња од поголемиот син, имам внука Бисера девет години и внук ми две и пол години, тие ми се најголемиот ќејф. Малиот и така нешто си вежба плачење на огледало, да да не лажи, да не придобие. Павел се вика.

Вашиот живот е комплетно исполнет.

Петар Мирчевски: Јас животот така си го поделив пред внуците и по внуците и многу среќен сум.

Со оглед на тоа дека и синовите се актери, а и внучето вежба пред огледало, би било убаво да ве видиме едно три генерации на сцена дедо внук и синови. Или на филм.

Пеар Мирчевски: Добро и мене ми се случува со синовите да играм во некоја претстава, но се случува сите тројца да играме макар што некогаш тоа ми претставува и товар. Оти морам да имам поделено внимание,кон себе и кон нив, сега и јас сум човек од крв и не ми е сеедно дали синовите ќе бидат во ред на претставата или не.

Дома што муабетите, повторно за театарот?

Петар Мирчевски:  Јас живеам дома со жена ми, и по малиот син кој сега се ожени и се пресели. Ние со синовите се караме често за театарот. Јас знам да прифатам и нивно мислење тие обично партал ме прават. Тие се искрени и поригорозни и добро што е така. Нема татко ми е ќе го фалиме. За некои претстави парал ме прават,ме критикуваат.

Вас можеби и карактерот ви е малку и пофлексибилен па затоа ве сакале соработник и режисерти и сите. Оти кога би бил препотентен и надмен, кавгаџија, можеби и би ве дистанцирале.

Петар Мирчевски: Јас прво кога ќе дојде режисер со мене да работи, дали е филмски, дали е актерски  му велам „те молам  обраќај ми се на ти“, инаку веднаш чувствувам некоја дистанца, некоја ладност и не е тоа тоа. Кога работиш некоја претстава или некој филм треба да си бидеш фамилија. Се да функционира. И не сум бил неспремен. Особено на филм. Филмот е скапа работа нели, сега 200 души екипа да чекаат, а ти да појдиш со задоцнување, да им одземаш време, да не знаеш текст ,да не си спремен, не оди. Темелни подготовки. И мислам што сум толку застапен на филм мислам дека игра и тоа улога. Секогаш сум спремен оти таму времето е пари.

Значи боемскиот живот го прескокнавте.

Петар Мирчевски: Не, јас си имав јас некој боемски живот, меѓутоа кога работев на друга страна. Се е под контрола.Не можам сега јас денес да си дозволам „бахатост“ а утре имам снимање, а јас да изгледам како сарма.

Интересни работи може да се научат, Пепи  вие можете да бидете учител и професор на помладите генерации. Не само дома туку во театарот.

Петар Мирчевски: Видете, театарот не е само, што велите сега и вие,театарот не е само глумата. Како личност треба да бидеш авторитет, сепак јавни личности  сме. Треба да бидеш обичен и едноставен, меѓутоа јавна личност си, ќе те напаѓаат малку треба да издржиш. Јас со младите многу сакам  да се дружам и многу сум добронамерен не сум критизер, туку сакам да укажам на некои работи, ако сфати во ред. Ако не го интересира, не му зборувам. И особено ако работам со млади во некој проект во иста претстава или во некој филм. Оти има некои глумци вика „да има кастинг ама јас да бидам подобар а другите да бидат полоши, за јас да бидам најдобар“. Не бре, јас сакам да играм за Барселона и за Реал. За јаки тимови. Нејќам да играм јас за Зелениково. Да си ги мериш силите со нешто што е повисок критериум. Сум играл со југословенски легенди од голем калибар. Сега не е лесно да играш со Бјелогрлиќ со Диклиќ или со маргиналци. Тука да те видам да победиш.

Ми остана една размисла, Битола е град на Милтон Манаки а досега ниеден филм за него нема.

Петар Мирчевски: Не знам што да одговорам. Само можам да речам дека жалам што е така. Првиот основоположник на филмот кај нас е тој.

Бидејќи е легенда од кого што почнало сево ова. Можеби не сме се сетиле како општество тоа да го направиме.

Петар Мирчевски: Па некој можеби се сетил па не му дозволиле дали финансиски, дали… Според мене е грев дека е така. Не само жалам туку е и грев.

Плус на е негово име се прави и еден велелепен фестивал од светски размер.

Петар Мирчевски: Ама во Битола се снимаат и еден куп филмови, како култура одговара, како објект, како локација. Од твоја уста во божји уши. Да се сними таков филм треба.

Што во најскоро време подготвувате?

Петар Мирчевски: Имавме претстави на Охридско лето, во Будва. На есен имаме подалечно патување со новоизраелски режисер, со претставата „Детето“. Добро, Битолскиот театар мислам дека е на едно солидно ниво актерско и како претстави театарски и Битола за среќа има театарска традиција, „Шекспир фест“ е  супер фестивал, Манакиеви средби, Интернационалниот фестивалот на монодрама. Јас сум селектор на тој фестивал. Пет години досега. Тој е на почетокот во мај. Оваа година за четири дена имавме 11 престави во конкуренција и две вонконкуренција. Имаме Молдавија, Монголија, Хрватска, Бугарија, Лондон. Се е во нагорна линија фестивалот. А јас пак досега монодрама не сум се осмелил да направам. Не знам дали тоа се вели немање храброст или не, иако сум имал многу понуди. Не знам да си објаснам…

Сега глумите во „Округот Остиџ “. Имаше и филм,

Петар Мирчевски: Текстот е феноменален Имаше филм со Мерил Стрип и Џулија Робертс. Текстот е топ. Нема ниедна улога што е слаба, дали е поголема или помала. Средна улога имам јас, и задоволен сум.

Со вас е задоволство да се разговара, муабетот е пред се и забавен а и многу работи човек ќе научи. Кажавме се, за крај како свекор каков сте, веќе имате две снаи.

Петар Мирчевски: Супер живеам јас, со Здравка, од поголемиот син сме како другари. Таа е уметнички фотограф и графички дијазнер. А пее феноменално, братучетки се со Каролина Гочева. Ме подржуваат и снаите во се, јас сум среќен човек.

Валентина Ѓоргиевска Парго

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.