За сонцето и културната историја на Македонија во новата книга на д-р Јован Јоновски

Неодамна од печат излезе книгата „Сонцето и лавот како симболи во хералдиката и вексилологијата на Македонија” од д-р Јован Јоновски

Во воведниот дел од темата, авторот накусо го дефинира основниот предмет на неговиот научен интерес за избор на конкретната тема, како и целите и задачите на истражувањето. Нив ги сместува  во соодветна теориска рамка ги осветлуваат процесите на појава и развој на симболите – сонце и лав во хералдиката и вексилологијата поврзани со територијата на Македонија, како и трансформацијата на нивните значења низ времето.

Во првото поглавје, со наслов „Симболите и општеството: теориска рамка“ Јоновски се занимава со значењето и употребата на симболите во општествени рамки, притоа фокусирајќи се на грбот и знамето и нивната функција во општеството и пошироко. Во овој контекст, земен е предвид и начинот на кој се врши селекцијата на амблеми/симболи кои ќе бидат на нив поставени.

Во второто поглавје, „Сонцето и лавот како симболи во хералдиката и вексилологијата поврзана со Македонија до 1944“, д-р Јоновски ја прикажува појавата и значењата на сонцето и лавот во грбовите и знамињата поврзани со Македонија, преку поднасловите: „Припишаниот грб на Александар Македонски во средновековна Европа“; „Земските грбови на Македонија“ и „Знамињата во текот на националното ослободување во 19 век“.

Во поглавјето „Сонцето и лавот во современата хералдика и вексилологија на ФР/НР/СР/Р Македонија“, преку вклучените поднаслови, авторот прави осврт на симболичките претстави на сонцето/лавот на македонскиот грб и знаме, на нивната присутност/неприсутност во „југословенски“ контекст. Соодветна анализа на застапеноста на конкретните симболи е направена и за периодот по 1991 година, во независна Македонија.

Во рамките на четвртото поглавје „Сонцето/лавот во општинските грбови и знамиња во Република Македонија“ во книгата се става акцент на поврзаноста на територијалната хералдика со административната поделба во Македонија. Предмет на обработка се општините чии знамиња го содржат сонцето како симбол.

Во рецензијата за ова дело напишана од д-р Драгица Поповска се укажува дека авторот синтетизирајќи ги резултатите, успеал да донесе релевантни заклучоци кои претставуваат придонес не само во областа на македонската вексилологија и хералдика, туку уште повеќе, придонес во културната историја на Македонија.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.