Licentia poetica со Сафета Осмичиќ…. Живеј го овој миг, овој ден што го газиш…….

Уредник на рубриката: Филип Димкоски

Сафета Осмичиќ и родена во Градачац, Босна и Херцеговина,  во 1955 година, но најголемиот дел од својот живот го поминала во Модрич каде се школувала и работела. Живеела во Хрватска и Германија, а сега  живее во Холандија.

Иако талентот и е откриен од раната детска возраст, сепак првите книги ги објавува во своите зрели години.

Пишува и објавува на својот мајчин јазик, а застапена е и во збирки на холандски јазик.

Делата и се преведувани на холандски, македонски, словенечки, полски, бугарски, арапски…

Авторка е на десетина книги за деца и за возрасни, меѓу кои „Меѓу нас“, „Слоницата Мица оди да си купи фармерки“, „Медениот Медо и неговите пријатели“, „Мелек рабија“, „Зрели години“, „Соба за самци во големиот град“, „Ожени се со мене“ и др.

Како авторка застапена е во голем број на поетски зборници ширум балканските држави и во Холандија.

Добитничка е на повеќе награди и признанија, а членка е на неколку уметнички и литературни здруженија во Србија, Хрватска и Полска.

 

 

СЛИКА ОД ВЕЧНОСТА

Вткај ме во гобленот

на својот живот.

 

не го стегај свилениот конец

да не се провлечам

низ отворите на мрежата

по која шарите ги создаваш

крајот на нитката врзи го во чвор

да не се испарам

од сеќавањето твое

 

во безброј слики и мириси

извези ја сликата на животот

 

Врамиме со поглед

и обеси го гобленот на моето постоење

како стара потковица

околу твоето срце.

 

БРИШЕЊЕ НА МИНАТОТО

Во едната рака ми е срцето

во другата парче хартија

и двете испарани

со црни дамки исшарани.

 

со иглата на заборавот вешто го крпам

распараното срце

по рабовите рани да не останат

 

ја туткам хартијата

со зборови што болат  испишана

со остар поглед ја палам

во корпата пепелта ја ставам

 

минатото

го избришав

го запалив

го фрлив

 

кон исток свртена

со очи отворени

го чекам раѓањето на новиот ден

 

и и дозволувам на зората

со пурпур да го прелие

моето насмеано лице.

 

 

ЖИВЕЈ ГО ОВА „СЕГА“

Живеј го овој миг

овој ден што го газиш

колку и утринава да ти изгледал

одвратно намуртен

или болно блед

зашто овој ден и овој миг

вреди да се памти

 

кој знае,

можеби вечерва

ќе ти се случи нешто убаво

заради кое и болката се исплати

 

среќа и радост

болест и тага

она кога другиот го обвинуваш за се

врвови и провалии

 

сето тоа е знак дека живееш

 

оти ова постои само еднаш

и само сега

 

кога на врвот од скалилата на животот

ќе ги гушнеш сонливите ѕвезди

и космосот ќе ти стане нов дом

тогаш навистина

се поминало

 

затоа уживај во овој ден

 

можеби некогаш и ќе се вратиш

како реинкарнат на вилинско коњче

чиј живот е пократок

од еден ден на твојот живот

 

или како миризлив цвет

на кој немилно дете ќе му ја откиен главата

и ќе ја фрли во тревата

 

можеби како куче бездомно

кого шинтерите ќе го бркаат низ градот

или којзнае што можеш да станеш тогаш,

затоа додека се уште си човек

живеј за овој ден

живеј го ова „сега“.

 

Избор и препев од БХС јазик: Филип Димкоски

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.