Влатко Стефановски и Кит Ричардс за отворањето на петтото издание на Филмскиот фестивал Скопје Синема Сити

Во периодот 2 – 7 септември, на локации како Музеј на Град Скопје и Кинотека на  Македонија ќе се организира 5-то издание на Филмскиот фестивал за музички документарни филмови Скопје Синема Сити.

Петото издание на фестивалот ќе се состои од филмови со теми поврзани со гитарата како инструмент. За време на 5 дена, ќе се прикажат 10 филмови кои на уникатен начин ги прикажуваат авторите и нивните животи во однос на својот инструмент. Затоа и филмовите ќе бидат и жанровски шарени: блуз, рок, џез, авант-рок, поп, фадо. Филмскиот дел од Фестивалот ќе го отвори документарниот филм за Кит Ричардс „Под влијание“, којшто зборува за неговата љубов кон музиката, гитарата, Ролинг Стоунси и ги следи неговите сеќавања од средбите со неговите идоли.

Во музичко-изложбениот дел, во фокус ќе биде изложбата на Влатко Стефановски, во Музеј на Град Скопје, која е насловена како „Патешествие“. Се работи за изложба на концертни и промотивни плакати од личната колекција и архива на Стефановски. Со изложбата се прикажува неговото патешествие од самите почетоци со ,,Леб и сол”, па до ден-денес, преку бројните солистички концерти и проекти и истата ќе биде отворена на 2 септември во Музеј на Град Скопје ,додека проекциите во Кинотека ќе се одржуваат почнувајќи од 3.септември.

Фестивалот е во организација на здружението Номад-Арт од Скопје, а визуелните решенија се дело на Дијана Димитриевска.

 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.