Охридско лето 2019 – Вечерва концерт за саксофони на „Охридско лето“

Фестивалската програма на 59-тото „Охридско лето“ продолжува вечерва со концерт на Бенсман Саксофон Квартетот што ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.  Ќе настапат Детлеф Бенсман- сопран саксофон, Тианхонг Ву- алт саксофон, Лиу Паи- тенор саксофон и Нинослав Димов- баритон саксофон.

Бенсман Саксофон Квартетот дебитира на концертниот подиум во 2006-та година со премиерна изведба на Брехтовата „Badener Lehrstuck” за хор, солисти, саксофон квартет, пијано и перкусии од Карлос Фаринас и Итај Двори, по што следи продукција за Германското радио.  По успешната премиера како на делото, така и на ансамблот, произлегува и идејата на Детлеф Бенсман да ја заврши својата кариера во Берлинскиот квартет саксофони во кој како примариус успешно работел повеќе од 20 години, и да се посвети на неговата кариера како солист, диригент, композитор, и наедно на развивањето на овој „млад“ квартет во кој членуваат исклучиво уметници кои студирале кај самиот Бенсман.

Во периодот од 2007 година, па сe’ до денес, може да се вбројат низа успешни концерти и настапи квартетот на врвни музички фестивали како низ Германија, така и во цела Европа, и три концертни турнеи во Соединетите американски држави и во Кина.

Вчеравечер пак два интересни настани. Едниот со македонскиот актер Љупчо Тодоровски –Упа кој  создаде совршен остров за одмор на душата преку проектот „Парче душа“ што го изведе во рамки на дополнителната програма на фестивалот „Охридско лето“.

Во прекрасниот амбиент во предворјето на црквата „Света Софија“, актерот и носител на проектот Тодоровски-Упа заедно со неговите пријатели и соработници, актерите Гордана Енроска и Симеон Дамевски, Симон Трпчески како и кавалџијата Сашо Митев,  кај публиката поттикнаа чувства, спокојство, мир, и ја оддалечија за миг од секојдневните грижи. Истовремено, тие му оддадоа почит на великанот на македонската книжевност и пред се’ , еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик на  великанот Конески е еден од ретките кои допреле до корените на чувствата и му помага на човекот да дојде до многу едноставни, а сепак, големи сознанија.

На 59-тото издание на фестивалот „Охридско лето“ публиката проследи уште еден возбудлив концертен настап на двајца млади и шармантни музичари од Франција. Во рамките на традиционалната Француска вечер на фестивалот синоќа настапија кларинетистот Жо Кристоф и пијанистот Вансан Мусат.

Вечерта исполнета со пријатните звуци на пијаното и кларинетот започна со соната за овие два инструменти од францускиот композитор и пијанист Франсис Пуланк,а потоа прозвучија префинети хармонски и звучни бои од Првата рапсодија на Клод Дебиси. На вчерашниот репертоар се  најдоа и шесте пиеси за пијано „По брановите“ од Анри Дитје. Одличната програма беше заокружена со Фантастичните пиеси на Роберт Шуман и Соната за кларинет и пијано број 1 од Јоханес Брамс.

Овие концерти се одржуваат и со подршка на Амбасадата на Франција во Македонија и Францускиот Институт во Скопје.

 

 

 

 

 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.