До следна средба со Маја Гроздановска -Панчева и нејзините Дарко, Надица и Марија, се договоривме да се потсетиме на претходното Интервју кое сеуште е актуелно.
Повод за интервјуто со Маја Гроздановска-Панчева, беше убава можност да се сретнам со целото семејство Панчеви. Секој од нив има да каже некоја своја приказна но, со нешто заедничко на сите нив а тоа е едноставноста. Насмеани и пред договореното време, на договореното место Кафе 9-ка во Беверли Хилс, со години за нив препознатливо место, се појавија Маја, Дарко, Надица и Марија.
Причини за ова интервју има премногу, но една од нив е желбата за повторна средба со Маја, после 14 години кога ја снимавме емисијата „Моето детство“, во време кога Надица имаше само 4 години. Тогаш се потсетувавме на почетоците на дружбата и љубовта на Маја со музиката, уште од нејзиното најрано детство и нејзините спомени на Фестивалот за песни за деца „Златно славејче „. Сега во проширен состав за многу теми, случувања едноставно за животот на сите нив.
– И да не биде клише, ама пак некако оттаму е првото прашање. Маја ми се чини дека те нема доволно на естрадата активно. Дали ти недостасува активното присуство и дали мислиш ти и недостасуваш на македонската естрада?
-Па секогаш е тоа некое клише. Ама најверојатно не може да се избегне. Тука сум јас, и ме има толку, можеби колку има и естрада во Македонија и тоа со години. Некако исчезна се. Постојано се прашувам зошто не ги пуштаат моите песни а секогаш ги носам цд-ата по радиа и спотовите по телевизии? Навистина не ми е јасно.
Дали мислиш дека никој не води сметка или дека нема медиуми, емисии?
–Мислам дека не води никој сметка. Јас немам менаџер, никогаш во животот сум немала, се сама правам и се трудам навреме мојот матерјал да стигне до медиумите. Но, за жал не ги пуштаат. Се случува на пример еве песната „ Остави ме да горам“ од Калиопи, со спот од Александар Ристовски-Принц, која е направена пред пет години, да ја слушнат на некоја свирка посебно на свирките во Кафе 9-ка кои ги правиме заедно со Ѓорѓи, и да ме прашаат „Маја, нова песна ти е„ ? Среќа што постојат интернет портали, фејсбук, социјални медиуми, па имаш можност да ја ставаш песната и допира до народот т. е. до слушателите. И дефинитивно, да така е, нема кој да се грижи како што беше случај во одминатите години. Тогаш се знаеше дека има новинари, емисии, медиуми кои сакаат да знаат кога нешто има ново, кои доаѓаа, те прашуваа, снимаа, ги пласираа песните. Можеби пак, се сменија времињата. Порано музиката беше поедноставна и послушлива за луѓето. Мислам дека новиве генерации, еве на моите ќерки сакаат на пример по цел ден рап да слушаат, нешто ново …. Не знам, се прашувам често зошто дојде до оваа состојба? Но, сепак сметам дека нема критериум, нема медиуми, нема емисии, топ листи, активни слушатели и гледачи… Најголемо разочарување ми е МТВ, никаков однос кон емисиите на музиката. Се на се една емисија, без соодветна реклама, кој слушнал, кој видел ..
Јас го доживувам твојот ангажман во Операта како повлекување од нешто што ти најдобро знаеш да го правиш. Дали е така или се лажам?
– Па не е така. Јас го доживувам како нешто најубаво што ми се случува последниве пет години. Јас сум таму со музиката, со колегите, Елена, Марјан … јас имам можност да сум на сцена..некако сум своја. Криво ми е што и порано не се одлучив на тој чекор. Едноставно Операта ми дава можност, музиката да биде дел од моето секојдневие, односно да го правам она што најубаво знам да го правам и најмногу го сакам, а тоа е пеењето. Музиката со Операта и во неа стана дел од мене, нешто што во еден период многу ми недостасуваше.
Која е твоја најсакана песна, најубав настан, некое доживување?
Најсакана песна и после толку години ми е песната испеана на Охридски трубадури 1998 -ма година „Дај ми да заспијам „.
Не добив награда, но публиката ја награди премногу. И досега после точно 20 години таа ми е најомилената песна.
Инаку, од многу скоро настан кој целата ме обзеде е настапот со Феми Кути, кој беше во тек на јуни месец во Градскиот парк. Таа музика, тој професионален однос на групата на овој врвен африкански музичар, беше прекрасно и незаборавно искуство. Добив нова енергија нешто што е убаво да се доживее и не се заборава.
Што помниш од “среќните години ” на естрадата?
-Среќните години, кои веднаш штом ќе се сетам на било што од нив се годините кога почнував со групата „Бумеранг “. Тогаш студирав, одев секоја вечер на свирка, го правев тоа што најмногу го сакав и навистина тој период ми е најсреќен. Среќна бев што и дома на моите родители можев да ги почастам од заработените пари а тоа ме правеше многу горда. Тоа беше за мене во мојата професија најсреќниот дел.
Семејството. Многу си блиска и со брат ти Танче, со кој и професионално си поврзана и со мајка ти. Татко ти поодамна е веќе починат. Дарко исто беше врзан со неговите родители, кои за жал еве сега разбрав дека и двајцата починале. Дали е тоа основата со која го градите вашата семеен живот со вашите ќерки?
-Па да тоа е таа вродена и негувана семејна близина, семејни вредности. Блиски сме, се сакаме и тие семејни вредности, и Дарко ги има во своето семејство, ги пренесовме во нашето заедничко, па така ќерките ги научивме и ги учиме дека тоа е најважниот дел онаму каде што се почнува и завршува. Важно е секој од нас да има своја работа, преокупација, хоби, друштво, но сепак домот е местото каде сме едно.
– Се израдував, кога Маја ми кажа дека и Дарко ќе не дружи, затоа што пак, него прв пат го сретнав и правев интервју со него некаде, веќе далечната 1993-4 година.
Така си приспомнавме за Градскиот стадион, кога снимавме една емисија за децата и фудбалот, кога тој сеуште играше во Италија.
Ова е прилика која веднаш ја користам за да го прашам, Дарко како го виде и доживеа неодамна завршеното Светско првенство во фудбал ? Сите ги зарази фудбалската треска. Ми се чини дека имаше нешто позитивно на универзумско ниво додека траеше првенството ?
– Светското првенство и општо првенствата во фудбал се најгледаните програми отсекогаш.Тоа се милионски гледачи. Фудбалот велат беше најважна споредна работа, но после ова ќе добие статус на најважна и најпопуларна работа во светот. Фудбалот обединува, развива и поттикнува. Од ова фудбалско првенство, кое беше одлично по многу основи, научивме и многу позитивни работи. Немаше никакви инциденти што е вистинска реткост, за што се најзаслужни домаќините Русија, каде се беше до перфекција организирано. Русија овој настан го изработи како вистинска држава домаќин, без никакви пропусти. Убаво првенство беше и за страсните навивачи и љубители на фудбалот и за маса обичен народ кој еве ова Светското првенство на глобално ниво ги анимираше. Тоа е голем успех. Медиумски беше одлично покриено, имаше интересни информации, еве да зборнеме за односот на Јапонците, кои кратко кажано се вистински вонземјани, како да не се од нашава планета и можеме од нив многу да учиме.
Колку е Македонија далеку од светските фудбалски текови и дали може да се направи некој поголем скок? Мислам дека прашањето е на највистинското место Дарко и како фудбалер и како директор на ФК „Вардар“.
– Ние сме на најмногу три саати лет од Москва, па и од секој град во Европа , ха ха,ха . Далеку сме ние од светот, или светот е далеку од нас. Во се, па и во фудбалот. Фудбалот е скап спорт. Не е како ракомет или други спортови. Во него треба државата да вложува со години па да се направи некој поголем чекор. Ние се трудиме барем малку да мрднеме, да не стоиме во место. Инаку само најорганизираните држави имаат одличен фудбалски тимови. Еве од првите четири земји: Франција, Белгија и Англија сите се многу средени држави во секој поглед. Некогаш ќе се појави некој “џокер“ како овој пат Хрватска. За неа , кога веќе дојде до финале сите навивавме. Хрватска имаше малку и среќа, одлична игра и одлично изграден тим. И нормално државата одлучила дека треба во тој тим да се вложи, да се потпре, затоа што бенефитите пак се неограничени. И ние нормално кој и да игра од “нашите“ држави, ќе навиваме за нив. Тоа е во нашиот ген. Значи, јасно е дека без средена држава, без финансиска поткрепа не може да се има успешна фудбалска репрезентација. Бидејќи сум во тој свет, не гледам дека ќе имаме нешто голем скок во догледно време но, барем да пробаме.
Со нас се и подмладокот на Панчеви двете ќерки Надица и Марија. Две прекрасни: едната веќе девојка Надица и тинајџерката Марија. Насмеани и без дилема преубави и скоромни. Надица, матурантка која своето образвание ќе го продолжи на Факултетот за германски јазик, со англиски јазик и литература. Музика и спорт се за некои најсреќната семејна комбинација. Каде се наоѓаш ти ?
Надица – Со спортот повеќе. Тренирав малку одбојка ама рекреативно, со пеење не …Не ми е предизвик. Сестра ми сака да пее. Јас тренирам, вежбам, трчам спортувам за да си го одржувам како велат “здаво тело и здрав дух“. Се запишав на германски јазик, од мала ги сакам јазиците, германскиот посебно, макар што со тоа што трета и четврта година завршив во Гимназијата Нова и англискиот го знам одлично. И одбрав да учам и литература што е знак дека сакам да читам и тоа ми е предизвик.
Надица вели дека сака убави нешта, патувања, убава храна, убава дружба но, впечатокот е дека е скромна девојка, која на момент наликува на Дарко а веќе во следниот мислите дека е цела Маја.
Дарко, во твојот живот дојде една убава девојка а сега опкружен си со три преубави. Те прават ли секој ден или секој миг среќен?
-Среќен сум, и секој миг сум радосен со нив. Едноставно со трите уживам. Надица и Марија се скромни, послушни, се слушаме заедно, татини ќерки (можеби помалата повеќе иако и Надица наликува на мене ) како што е ред, ха, ха, ха, иако со мајка им повеќе се мазат. Било што да се случува најважно е да сме заедно. За се лесно се договараме. Со Маја се слушаме, некако најопуштени мигови со неа верувале или не, ни се кога играме табла. Никако не ми е јасно како јас ја научив да игра табла а таа е сега подобра од мене. Ха ,ха ,ха -се смее Маја, – па нели учениците треба да се подобри од учителите. Кога научив да дриблам, таблата е лесна работа.
И најомилено семејно место ни е ручекот, т.е вкусните јадења на Маја. Кога Маја готви се е вкусно дури и леќата, вели Надица, што ја направи вчера. Ретко нарачуваме храна, понекогаш излегуваме надвор, но најомиленото место ни е семејниот ручек. Маја е вистински мајстор за готвење. А како што вели Маја, по примерот на мајка и додека лажица не тропне, нема ручек и тоа сите го сакаме освен понекогаш Марија, која малку знае да биде пребирлива. Но, затоа таа веќе си готви сама и немам никаков проблем со нив за ништо-додава Маја.
Марија е дете што се сака да проба па дури однеодамна посака да носи, и веќе носи протеза, затоа што е тоа модерно и сака да има иделна широка насмевка, вели Маја. Таа е дете што не стои мирна ни една минута. Активна во секој поглед.
Марија : Пеев во Златно славејче, “Мачето на баба Вера“ , ама некако ми стана многу детско, јас пораснав. Одев во Хорот “Фалсето “, додека не се премести просторно. Завршив осмо одделение, во ОУ „Кочо Рацин“. Сакав да одам на балет.. и мајка ми бидејќи сакала да биде балерина, ама уште некако не најдов соодветно балетско училиште. Малку ми стана здодевно. Немам идеја што би сакала да бидам ама знам што сакам сега да правам и тоа го правам.
Марија, открива Маја креативноста ја насочува кон сликање, снимање и монтажа на спотови, клипови,видео записи….Тука се пронаоѓа. Еве стана и јутјуберка.И сите сме едногласни дека Маја не треба да се грижи, еве предлог за спот за нејзината омилена песна „Дај ми да заспијам„ која нема видео запис , еден „Бумеранг„ и спот во нов дух од Марија а еве се пријавуваат сите да бидат вклучени и Надица и Дарко.
– Колку што разбрав имате новина во семејството ?
Надица : Да го имаме Нео, сибирски самојад кој не знам кој од нас повеќе го сака. Тој ни е друштво и љубов на сите. Уживаме со него. Најубав е! Откако е со нас, семејството ни е покомплетно и сите не прави понасмеани.
И да се вратиме на естрадата и Маја. Откако Надица и Марија заминаа со своите нови другари кои живеат во Колорадо, деца на најдобрата другарка на Маја, од времето на „Златно славејче “, Наташа со која на радост на сите, случајно се сретнале после 20 години на плажа а Дарко како вистински џентламен не остави, јас и Маја уште малку за музиката.
-Музиката е дел од мене. Сакам да пеам , сакам да настапувам, ми фали времето како што споменав на настапи, дружба, снимања. Јас секогаш кога имам потреба за контакт со публика ги правам свирките тука во 9-ка и секогаш се многу посетени. Постојано има луѓе што ми велат дека треба да сум присутна и да настапувам. Меѓутоа, најважно од се е што јас ја сакам музиката, таа е дел од моето постоење и ангажманот во Операта, како што споменав ми го овозможува тоа и сум навистина среќна.
Беше ли присутна во оние големи проекти за обновување на македонската музика?
Да, имав две песни. Не ми е јасно кој беше тој принцип!? Сметам дека таквото наметнато создавање музика нема позитивен фид бек. Ми недостауваат оние настапи пред преполна маса народ. Тоа за секој изведувач е врвот. Вие пеете а маса народ пее со вас. Се надевам дека нешто ќе се смени. Иако, во она време не верував дека нештата ќе тргнат во овој негативен правец.
Дотогаш јас знам и умеам да уживам во секој миг со моето семесјтво, со пријателите, братми и мајка ми кои премногу ги сакам, а музиката без разлика на општите услови, е секој миг дел од мене од мојата душа од моето битие. И убаво ми е и едноставно среќна сум.
Фото галерија: Семејство Панчеви