Познатата руска пијанистка Виолета Егорова вечерва ќе настапи во рамките на музичката програма на Охридско лето со концерт во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот, а ќе бидат изведени дела од композиторите Франц Шуберт, Јоханес Брамс, Фредерик Шопен, Николај Медтнер и Александер Скрјабин .
Почнува да свири пијано на четиригодишна возраст, дебитирајќи со целовечерен рецитал кога имала 12 години. Образованието го почнува во Централното училиште за талентирани деца во Москва, а продолжува на Московскиот конзерваториум „П.И.Чајковски“ под менторство на прочуениот Лев Наумов. Додека сѐ уште била студент, нејзиниот талент го препознава Руско-Американската корпорација „ Уметност и електроника“ и ѝ овозможува да сними ЦД со дела од Моцарт и Прокофјев одбележувајќи ги годишнините од раѓањето на овие композитори. Потоа, снима уште неколку носачи на звук.
Виолета Егорова е лауреат на повеќе интернационални натпревари. Често како солист настапува со реномирани оркестри. Предава пијано на Академијата „Рахмањинов“ во Катанија, каде е претседател и основач на интернационалната награда „Сергеј Рахмањинов“. Уметнички директор е на Интернационалниот фестивал „Концертфест“ во Москва и е активен член на Интернационалната Академија за информатизација која има консултативен статус при Обединетите нации од 1995 година.