Интервјуто со Борис Чоревски, актерската битолска легенда, во овие жешки летни денови , го направи Валентина Ѓоргиевска- Парго, а тој средбата ја започна со реченицата „ Да останев во Скопје немаше да имам ваква кариера“!
Легенда, кој ја раскажува својата животна приказна. Со поглед. Молчешкум…..Актер со грандиозна театарска кариера. И филмска. Вљубеник во својот матичен театар. Ако сакате да го сретнете, ви го препорачувам бифето на Битолскиот театар. Нашата средба започна со веднаш вклучен диктафон, и во 56 минути го впивав секој негов регистриран збор. Молчаливиот Чоре, раскажува се во еден здив. Мирната вода се разжубори.
Прилично долго чекав на оваа новинарско актерска средба. И најпрво би сакала да ве прашам, како се чувствувате сега од ваша позиција, сосема опуштен со статус на легенда си доаѓате во бифето, тука си следите што се случува како пасивен набљудувач и тоа многу смирен, искрено ви честитам на расположението.
Пензионер. Па јас не се чувствувам баш дека сум оттргнат од театарот. Театарот е мојот живот и мислам без Театарот не би можел. Обично многу наши актери кои што заминуваат во пензија, не ги користат можностите, зошто – не знам, меѓутоа јас еве отидов во пензија и играв во 3-4 претстави досега. И во новата претстава што ја подготвуваат “Август во округот Осејџ“ го играм писателот кој исчезнува, таткото. Така што во сиве овие години никогаш не сум се чувствувал надвор од него, од кога сум почнал како дете во театарот, досега, илјада пати сум рекол дека тоа ми е прв дом. Тука израснав, еве тука и пензијата ја дочекав. Јас сум две години во пензија, а не отидов на 64, отидов на 67 години во пензија.
За среќа и здравјето и кондицијата ве служат, одлични ви се ви посакувам до 100-та да си терате.
-Па, добро фала му на Бога да чукниме во дрво. 70 години веќе ги направив. Така што, убаво ми е во театарот.
Доаѓате секој ден да си се напиете кафенце тука или кога, како?
Кога како, да. Навраќам ама кога имам проба, кога немам некако ми е како безделничење. Порано и кога немавме, седевме. Не играв во претстави а доаѓав секој ден, затоа што ти е работна обврска, да дојдеш без разлика дали имаш претстава, твоето место е во тетарот. Што за жал овие помладите не го практикуваат.
Поинаков беше театарскиот живот некогаш и сега?
– Оооооо. Колку јас што се сеќавам, а се сеќавам уште од стариот театар, одамна, беше поинаков живот. Колективот беше на прво место. Животот меѓу целиот ансамбл беше поинаков, сме правеле седенки. Најубавите Нови години биле во стариот театар, горе.
Дури и Новите години заедно ги чекавте?
– Дааа, да. Не само Нови години туку ќе им текнеше на постарите, ќе му речеа на директорот- „директоре, две јагниња да земеме“, ако беше времето на јагне. Ако беше на друго, друго. И на сцена ќе се соберевме сите, цел колектив во стариот театар ќе наредеа маси. Таки, сценскиот мајстор и шеф на техниката, рибар голем, и касап, ќе ги однесеше на печење во фурна и секој од дома носевме плус нешто, пијалоци, благо, и за тие Нови години не се гледаше,кој од која маса што зема, како зема. Кој од каде сака може да си земе ќе проба, ќе касне. Колективната свест и другарската свест беше поголема тогаш. Младите генерации коишто дојдоа некако се одделуваат. Тие претежно ако немаат никаква обврска, месец дена не стапнуваат во театар. Што е за жал.
Порано беше голема чест и привилегија да се знае и познава некој актер. А дури да се седне со него на кафе се раскажуваа легенди по градот. И тој ќе ја добиеше истата слава , само затоа што седел на маса со глумец. Немаше интернет, немаше фејсбук, немаше твитер, а сепак популарни….Се чувствувавте ли како вистински уметници, вистински славни личности, вистински ѕвезди?
– Добро, не до тој степен. Не. Макар што не знаеја сите во градов и не познаваат и не знаат. Бајаги време има поминато. Владе Милчин режираше една претстава, излеговме да прошетаме од тука кај градскиот саат, чаршијата и немаше два чекори, човек да не направи да речиш со некого „здраво“, и Милчин ми велеше „А бе Борче со сите се знаеш?“. Се знаеме, му велам, Битола помал град така што сите мене ме знаат, а и јас знам луѓе. Нели помал град, па со повеќето се знаеш. Инаку, никогаш не сме се чувствувале до тој степен такви ѕвезди како скопјани. Скопјани сами се прават ѕвезди, без разлика колку постигнале во својата кариера и што постигнале, што играле и како играле, тоа е сосема нешто друго.
Имаше ли некое ривалство меѓу вас и скопјаните, во таа смисла?
– Секогаш. Се сеќавам јас уште од стариот театар, во кој имаше една плејада на големи глумци, кои што беа дури и повикувани да одат во Скопје во метрополата да работат во скопските театри. Во Драмски театар, во Младински детски,Народен театар… Меѓутоа, не отиде никој од тука. Од Ацо, од Љубиша, од Бабец, од Јоана, не отидоа, сите останаа вклучувајќи ме и мене тука во Битола.
Вие имавте шанса? Ако не поинаку барем преку вашиот брат Благој Чоревски?
– Не. Брат ми немаше врска со тоа. Како студент јас бев стипендист на МНТ, меѓутоа кога завршивме со академијата, Чинго тогаш беше директор не прими да играме. Ајде реков да почекам, дали ќе има вработување. Тогаш завршив, но уште една година останав во Скопје. Во тој период од таа година додека чекавме ко бајаги да бидеме вработени Чештаров не зеде под свое, направивме претстава „Сезона на шампионите“. Помина година цела година скоро немаше никаква шанса за вработување. Единствени коишто веднаш ги вработија во тоа време беа Афродита Киријакоска и Томе Витанов, по струмичка линија, оти тогаш струмичката линија беше голема во МНТ, од Бранко Ставрев, од Чедо Христов, од Кирил Андоновски. По една година и мајка ми ми вели “ ајде, не може да седиш ти во Скопје и плус нешто да не заработуваш“. Макар што јас заработував и како студент. Не викаа снимавме по телевизии, не викаа, ваму таму додека студирав играв во филмови тогаш. Го прашувам Чинго „дали има шанса да чекам или да не чекам или да си го барам чарето?“, оти сепак трошок е да бидеш во Скопје, да плаќаш кирија. Мајка ми со нејзината плата која што ја имаше тогаш не можеше да си дозволи, баш така да живеам удобно. Инаку, јас во Скопје живеев доста комотно , имаше пари и со снимањата. Јас го прашав Чинго онака, затоа што во договорот, кој што го имав како стипендист, пишуваше дека морам по завршувањето да се јавам, да видиме дали ќе има работа за мене, или треба по законска регулатива да ги вратам тие средства што ги вложиле во мене. И тој ми рече дека нема потреба, но ако имам шанса да си одам. И тогаш се вработивме тројца во Битолскиот театар. Првите тие актери што со факултет се вработивме бевме, јас Благоја Стефановски – Баге и Сребре Ѓаковски. Тоа беше на крајот на 1974 и почетокот на 1975. И, обично кога ќе ме прашаат дали сум зажалил за Скопје што не останав, јас кажувам дека не. Никогаш немаше да го постигнам тоа што сум го постигнал со Битолски театар , затоа што во Скопје е друга клима. Не заради конкуренцијата, немаше тогаш голема конкуренција, меѓутоа има таму други сфаќања за квалитетот на актерот. И дојдовме Битола и почнавме да работиме.
Колку улоги ви се случија од тогаш досега? Имате ли некаква евиденција? Вие сте од оние актери што треба да имаат архивар до себе.
– Добро,… не. Сега во последно време театарот презеде една иницијатива да напраи СV за мене. Всушност, пред неколку години кога Битолскиот народен театар ме предлагаше за награда за животно дело “11 октомври” и за национална награда, инаку јас никогаш не сум собирал ниту фотографии ниту текстови. Што било, сето тоа останало како архива во Битолски театар.
А ги памтите ли барем дел од улогите, репликите оние што легендарни?
– Паметам. Уште во првата професионална година која што беше веќе Битолски театар изигравме доста имаше интересен репертоар. Значи можам да се сетам на претставата на Унковски од Петре М Андреевски , потоа кај Душко Наумовски ја игравме,” Свадба” на Васил Иљоски, па во 1976 негде, на игрите „Војдан Чернодрински“ ја зедов наградата за млад актер за “Вук” со Јелена Четковиќ една претстава што ја работеше еден режисер од Србија. Потоа отидов војска, па се вратив, продолживме. Направивме една смена на директорските места. Го ставивме Баге да биде директор. Дотогаш, се менуваа, имаше и вршител на должност по шест месеци, така луѓе кои што беа на маргините, дали се способни да се прави театар или не. Па се договоривме ние помладите дека треба нешто да се превземе да се направи поголемо нешто од она што се правеше како репертоар. Нели ние тогаш млади сакаме да играме. Почнаа да доаѓаат режисерски имиња, кои што значеа тогаш нешто во Југославија. И направивме доста претстави. Еве и по пензионирањето продолжив да играм јас, така што кога ќе ме прашаат колку улоги и која ти е најубава улога, велам имало многу добри и се разбира некои утки во смисла на неможност да се направи нешто повеќе од ликот и така натаму или во смисла на таа младост и носечка енергија- тоа јас ќе го направам и така ќе го направам, имало и такви моменти, сигурно се случувало. Меѓутоа, можам да кажам претежно сум имал повеќе главни улоги. Сум играл во комедии, сум играл во драми. Сметам дека актерот треба да биде разнолик не да е од типот „ти можеш само тоа да го играш и готово“. Не. Актерот мора се да знае и да игра се. И да биде секогаш во форма и да го работи тоа што најдобро. Дали било тоа драма или било тоа комедија. Дали било што.
А имавте ли доволно слобода од режисерите, од сценаристите? Сепак, малку тогаш ми се чини како да беше построго во однос на целата поставеност во театарот.
– Можда било, затоа што тие режисери со коишто сум соработувал знаеле што бараат и ако не му го пружиш тоа што тој го бара како лик од тебе, имало и кавги, некогаш имало и расправии, креативни сигурно. Некогаш, обично, некои режисери повеќе провоцираат со тоа што ќе ти речат “ти врска немаш“ итн. за да можиш да ја направиш, да те мотивира. Тие беа искусни режисери така што знаеја како да го извлечат најдоброто од тебе.
А во принцип, може ли да се потсетите што повеќе игравте за награди, слава или за општествен придонес во уметноста. Сосема други вредности беа и затоа и ве прашувам.
– Така е, така е. Јас никогаш не сум играл ниту за награда, ниту за слава, ниту за ништо. Сум играл затоа што го сакав театарот и затоа што се уште го сакам. Сакав, еве да речеме, на публиката која што доаѓа и гледа да и пружиш задоволство во тие два часа или колку што би траела претставата. Да си одат дома и да бидат задоволни од она што го гледале. Така што, наградите доаѓаа почнувајќи уште од аматерските денови. Јас ги добив тие најголемите награди за аматери, прво во Македонија, а потоа на ниво на Југословенскиот фестивал на аматерси театар во Хвар, каде што ја добив таа единствена награда за најдобро актерско остварување и така се почна понатаму. Така што, тоа се што доаѓало како награди доаѓале затоа што така ме ценеле. Веројатно жирито гледало дека има нешто во мене. Тоа што го јас работам и што го давам како актер. И во Прилеп сум го добил сите награди што постојат, од млад актер од епизода до главна улога.
Се мотивиравте ли повеќе кога во тој период ќе видевте некој легендарен лик, во некој славен американски филм во кино, го гледаш и едноставно сакаш уште подобар актер да станеш?
– Добро, тоа…. Единствено се совпаѓало некогаш да играме и претстава која што е и филмувана, па сепак ќе ѕирнеш во филмот да видиш како тој актер го игра тој лик и така натаму и така натаму. Макар што тоа по мое мислење не е потребно. Зошто? Затоа што тој актер без разлика колку и да е голем по име по величина, во смисла на ѕвезда, поинаку го согледал тој лик отколку сега ние. Ние не можеме да го направиме исто. Тоа се случува таму во Америка, тие малку поинаку го имаат тој дел, отколу ние. Мора да го приспособиме за нашата публика да би можела да го сфати, да го сомеле, да го восприми и така натаму. Како на пример “Смртта на трговскиот патник” , „Дон Жуан се враќа“ ред такви улоги.
Сега повторно имате улога во драма која е екранизирана а во која исто глуми вашата врсничка. Милениумски позната Мерил Стрип. “Август во округот Осејџ”.
– Да. Тој Текст е одличен и сметам дека особено ќе и се допадне на битолската публика која во последно време е навикната да гледа модерен театар, и сметам дека во тие некои претстави кои што беа, ајде така да ги наречам мелодрамски текстови, одлично поминуваме во Битола. Еве на пример таква беше и “Мачка на вжештениот лимен покрив”. Така што, се надевам дека и со оваа претстава каде што има една одлична поделба на актерски ликови, каде што текстот е извонреден, награден со Пулицерова награда ќе и пружиме едно задоволство на публиката и да се најде и таа со нас во тој август.
Спомнавте дека постоела фама дека скопските актери се многу попопуларни, меѓутоа кога се споредува од еден друг агол, битолскиот театар секогаш го биел добар глас дека е е еден најпрофесионален, најквалитетен како театар и можеби ви давало една поголема привилегија што сте од еден град на конзулите на културата и од кој проникнала и една легенда, фотографот и снимател Милтон Манаки.
-Да, сигурно. Не знам како да ви кажам бев во Скопје, живеев, после се навратив некаде 1999, 2000 та година пак работев како проект менаџер во Македонскиот народен театар, меѓутоа секогаш Битолскиот многу повеќе ми значел. Имав поголеми шанси, не велам дека не сум снимал, сум снимал многу телевизиски серии, детски, сум имал драми за кои што во 1898 година бев награден и за најдобро актерско филмско телевизиско остварување во Тв филмот на Душко Наумовски, “Трговецот од Солун„ каде што го играм Сулејман бег а мојот колега Ненад Стојановаки, го играше Гоце Делчев . Не е прашањето во тоа дека тие се поквалитетни, меѓутоа имаат поголема шанса за експонирање и поинаки ги прифаќа скопската публика, отколку што не прифаќа нас. Кај нас нормално е битолската публика да не ПРИФАЌА. Пак ќе речам, тие станаа врвни имиња со по две три улоги. Стекнаа некое реноме, кое што за жал ние сме го немале затоа што сме биле провинција. Мислам „провинција“ во наводноци, нели. Помало место. Потешко не земале режисерите во некои филмови, во телевизиски филмови.
Вие на тоа поле не може да се пожалите!
– Нормално еве да речам последните години кога почнаа многу помалку да снимаат наши македонски работи, и се повеќе се странски поточно турски серии, актерите ги препознваат по гласовите. Повеќе по гласовите отколку по нивните улоги. Што не е и цел на професијата..
Тоа е комерцијален дел !
– Така, да. Јас сум радосен што целиот мој живот помина во овој Битолски театар и сум страшно задоволен од самиот себе си, затоа што се што носам во себе ,се обидов да го дадам на сцената. Сега нормално, амплитуди сигурно имало во текот на тие 40 години. Не може човек цело време или нагоре или надолу да оди, мора да има во зависност од она колку си работел на таа улога, дали таа улога е погодена макар што сметам дека нема улога погодена или непогодена, мораш да знаеш да ја одглумиш.
Вежбавте и дома или, само во театар?
-Дома многу не. Но, да се прочита текстот пред да се дојде на проба, да!
Читавте ли повеќе од она што ви беше зададено како задача?
Па нормално. Мислам за да ја направиш една улога како што треба, значи не само да го прочитам текстот и да го кажам, ами да навлезеш и мора да го разглобиш до најситниот дел, тоа е механизмот на градењето на улогата, потоа штрафче по штрафче да го составиш за да може да ја освоиш.
Други беа времињата порано и чинам дека актерите како подобро ја владееја целата класика од областа на драмата ја имаа прочитано по неколку пати.
-Јас им велам на помладите колеги и секогаш користете ја етиката на Станиславски, ќе сфатите како ќе треба да го насочите патот полека полека на градење на актерскиотт занает. Ние и на академија претежно работевме по системот на Станиславски, систем на претставување или преживување така да го наречеме. Затоа што мораш да се најдеш самиот ти, тој лик што го напишал Достоевски или било кој, мораш да го имаш тука внатре во себе си и да можеш да го извадиш како што треба, онака како што самиот Достоевски или било кој од тие писатели го замислил тој лик. Инаку, нема цел. Јас се сеќавам како дете сум се криел горе на балконот на стариот театар и сум слушал како зборуваат актерите, режисерот што им кажува. Многу од новите актери не стапнале претходно во театар, пред да стапнат на театарската сцена.
Градењето на една своја насока треба да почне од самото детство за да се чувствуваш постабилен на тој терен.
– Не од самото детство, туку треба да го носиш нештото во тебе. Некој ќе ве праша како малечок што сакаш да бидеш. Јас му велев слаткар. Зошто слаткар? Затоа што многу јадев благо и слатки сакав. Но, еве полека полека преминав во актер.
Вашата ќерка Илина Чоревски е актерка и уметнички директор на Битола Шекспир Фестивал. Задоволен сте со нејзиниот избор на професија?
Јас се сеќавам кога таа беше четвро или петто одделение ја работевме ” Цигани” од Пушкин и имаше таму дечиња ромчиња кои играа во претставата со режисерот Љубиша Георгиевски. И јас никако не сакав таа да дојде да игра. Но, плачеше и му рече дека сака да игра исто како со големите тие вистински актери кои беа во претстава. А потоа играа и со Филип Мирчевски, синот на Пепи. Кога дојде време да се пријави на Академија беше одлична ученичка во гимназија јас се уште се противев и уште првиот пат кога седнавме да поразговараме сакав да и укажам на некои работи. Не сакаше да послуша, се искаравме и потоа мислам дека работеа со Јоана ја примија во Скопје и заврши. Мислам дека актерството го наследи од нашата фамилија. Досега има остварено добри улоги, а имаше желба нешто да се придвижи во театарот, како млади актери. Тоа оди со времето и младоста.
Со вашиот брат чинам имавте една претстава пред години?!
Ние игравме во Битола една претстава. Тој во Драмски театар во Скопје играше во една претстава на мојот професор Димитрие Османли од Фејдо, па потоа дојде овде како гостин. Тоа беше прв пат на професионален план, а инаку сме се сретнале додека бевме младинци во Младинскиот театар во Битола, постар е три години од мене. Има една вистина од времето кога учев во училиштето „Гоце Делчев“, живеевме тука стотина метри подалеку од училиштето, и бидејќи и татко ни беше актер, кој прерано почина, па мајка ми беше актерка, и сметаа дека можеби нешто можам да кажам кога беше патронатот на училиштето, во стариот театар. Јас сум излегол, мајка ми седела од страна, и кога видела дека сум застанал и молчел… молчел…молчел.. ми довикнала “ајде бе Боре ајде Боре”, Бог да ја прости. Јас сум ги погледнал сите и сум излегол. Мајка ми вика што направи? Сум и одговорил-„ Мене ме не бива, брат ми повеќе го бидува“.
55 години театарски живот е повеќе од доволно за една монографија, за една книга со доживувања. Има многу работи кои треба да останат забележани. Може ли тоа да се случи вие да му раскажете некому на диктафон, да ги запише најинтересните работи?
– Не, јас сакам да останам тоа што сум. Мислам дека да пишувам свои мемоари како сум почнал што сум почнал тоа веќе го има. Спомени имало многу така што никогаш не сум ни помислил да седнам или да му раскажам на некого. Новинарот и актер од “Чекори” Тодор Кузманов сега сака да пишува за мојата фамилија, се вкупно. Има доволно спомени, има доволно во архива доволно филмувана работи, белким некогаш ќе се потсети некој на мене.
Има многу да се зборува ко еве за крај да ја затвориме оваа средба со дали повторно да се најдете барем во уште некој филмски улоги на некој режисер наш? Имате ли желба’, имате ли сила, да снимате некоја добра улога_
-Па имам. За жал кај мене филмските почетоци не ми беа баш многу успешни, почнувајќи од филмот додем студирав требаше да играм во филм на Кирил Ценевски, јас и Петар Арсовски требаше тие браќата да ги играме. За тоа пишуваше “Екран, за тоа пишуваше “Нова Македонија” и “Вечер” и така натаму. Се договаравме доаѓаше Кирил Ценевски до Академија одевме, разговаравме, меѓутоа десеттина дена пред почеток на снимањето веројатно заради тоа што имаше копродукции, не викна директор на Вардар филм и мене и Петар Арсовски и рече- „Извинете не можеме заради одредени причини да снимаме со вас.“- Јас велам:„ Добро сега тоа е тоа, таква била судбината “
И така почна тоа мое мало битисување во филмската уметност. Потоа играв во” Најдолгиот пат, “Ангели на отпад„ , досега сум играл во 15. филмови.
Нема филм за Милтон Манаки а заслужува да се сними. Би биле ли ви главна улога доколку некој одлучи да сними?
-Не. Тоа би требало да почнe од неговата младост . Требаше да почне снимање на нов филм во Скопје, горе на планина една многу интересна приказна, во која јас треба да играм волк самотник кој заради ситуацијата со синовите и фамилијата побегнува и живее сам со еден пес… И по 30 години прозборува со синот. Една семејна приказна која доста добро би изгледала. Меѓутоа чекав, чекав се јавија и ми кажаа дека нема да се снима. Не бидува тоа. Ме викаа за турски серии меѓутоа ние не можеме да одиме таму, не сме толку слободни како скопските актери, тие после проба ќе одат да снимаат, ние треба специјално со автомобил да доаѓаме, а тоа чини пат, дневници, трошоци за храна. Така што, сега максимално се сконцентрираме на тетарската улога што ми е дадена, “Август во округот Осејџ”. Не е многу голема но и тоа што е малото треба да се направи добро а ќе го видиме на премиерата на претставата на 30. јули.
До некоја следна средба со актерот Борис Чоревски кого Битола и Битолскиот театар му овозможиле професионално битисување и изразување на својот талент, а токму неговата скромност и едноставност го прави секогаш интересен за нови и нови средби.