Родените ѕвезди долго светат – Дуото Миленковиќ-Милошевиќ наградени со огромен аплауз

Долги и стоечки овации, бисови, задоволна публика и уметници кои пленија со своето музицирање и со својата скромност и внимание кон публиката. Ваква беше атмосферата вчеравечер во црквата „Света Софија“ на концертот на српскиот виртуоз на виолина Стефан Миленковиќ и неговиот колега, пијанистот Владимир Милошевиќ за кој се бараше карта повеќе.

Дуото Миленковиќ-Милошевиќ приреди квалитетна програма на фестивалот „Охридско лето“, која, како што рекоа и самите уметници е прилагодена за летниот период.

-За нас е чест да свириме овде, во Охрид, а посебно во оваа црква, за кој имам чувство дека е храм на музиката.  Акустиката што ја има овде додаде златна аура на нашиот тон, а тоа ретко го има некаде. Публиката  не‘ почести со бисеви, а ние возвративме со композицијата  „Во стилот на Албениз“  на Родион Счедрин, еден вид танго на современ начин.  На вториот бис отсвиривме композиција на еден Навахо Индијанец од Аризона, кој при мојата посета на САД  го преработи делото „Којоти“ за виолина и пијано,  кое инаку е напишано за пијано, изјави Миленковиќ по завршувањето на концертот.

Музичките виртуози, првиот дел од концертот го започнаа со бетовеновата Соната број 1, соната со многу енергија, ремек дело а потоа следуваше куса свита од  балетот, „Бакнежот на самовилата“ од Игор Стравински. Во вториот дел од настапот,  големите уметници, го „донесоа“ на подиумот италијанскиот композитор Никола Кампогранде со едно дело што го напишал по примерок на Паганини, поточно инпирирано од Паганини, а изведено на современ начин на виолина и пијано.  Потоа  следуваше делото „Легенда“ од полскиот композитор Хенрик Виењавски,а на крајот од вечерта отсворија  и  валц-скерцо од Петар Илич Чајковски.

На концертот на двајцата виртуози дуото Миленковиќ-Милошевиќ, им претходеа два дена во кој и двајцата ументици уживаа низ Охрид и секако средбата со медиумите во организација на Фестивалот “Охридско лето“.

 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.