За оние со многу љубов, но за жал немаат моќ да кажат што мислат и чуствуваат и зависат уште еднаш за жал од луѓето, запис на Татјана Гогоска
Несомнено е дека човечките вредности, хуманост, почит, некаде се губат и имаме состојби кои ни го згрозуваат секојдневието и се прашуваме „Луѓе ли се тоа? Колку човек може да биде злобен и ужасен и да потегне на најсуров начин по животот на друго живо суштетство?
Некаде пред пет-шест месеци надежен ветар дувна во полето на заштита на уличните кучиња, мачиња, коњи и други животни ..но некако од сето тоа нема многу позитивни резултати.
Благодарение на групи од млади луѓе и поединци од чија љубов кон животните се прави позитивни чуда, па многу животни се излечени и оздравени, ги прибираат од улица, ги вдомуваат. Има од оние најсреќни приказни на кучиња вдомени во некои посреќни земји од нашава, најмногу заради огромниот ангажман и љубов на Тања Димовска и Вики Димитрова, кои им овозможија пат кон среќен живот на многу улични, напуштени, стари и немоќни кучиња.
Дотогаш, минатата недела свежа е грозната тажна слика на умрениот преморен коњ (еден пред тоа имаше среќа па го опоравија во Коњички клуб ), но овој остана на улица мртов.
Пред некој ден грозна слика од село Стојаково, кучето измачувано, бодено и запалено! И се згрозуаш ! И се прашуваш, Луѓе ли се тоа?
А жалосно е што и покрај тоа што има казни не ги стигнуваат сторителите, затоа што еве една недела во едно Стојаково, МВР не може да ги најде, небере Чикаго е?
Секојдневно опомени за фрлени отрови, за масовни труења и фрлања на уличните недолжни животни и тоа организирани од Општините-замислете од власта..која очигледно не е способна за похумани решенија за справување со овој проблем па масовното труење им изгледа најлесно, не размислувајќи за крајно нехуманиот и штетен однос. Да ги споменеме Пехчево, Кочани, Охрид, Струга….
Денеска и нов апел од активистите. Безумен човек со пушка стрела кучиња на локација околу 1ТВ .И кога ќе видите ваков пост, си велите среќа што има толку хумани луѓе наспроти ваквите монструми, со чудовишни пориви за убивање и уништување.
Како и да е, надежта онаа од пред пет-шест месеци ја снемува. Целата надеж е во Хуманите организации кои навистина се борат за подобар живот на уличните животни како Шепасти ентузијасти, Daisy Family Rescue, Anima Mundi , Palavkovcite na Emilija, Вдомување на животни и многу во другите градови: Велес, Прилеп, Битола, Струмица..кои ја олеснуваат целава страотна состојба за која во најголем дел се виновни несовесните граѓани кои откaко ќе им здодеат домашните миленици или ако се размножат, ги оставаат на улица. И покрај законските акти нема повидливи резултати
Не објавив ниедна тажна слика, затоа што тоа е уште едно скрнавење на гревните суштества што завршиле тажно, па затоа фотографиите со среќни животни нека бидат завршен дел од текстот, заради надежта, љубовта и хуманоста.