Во потрага по убавините на Австралија – “Alpine National Park’

ЕСЕНСКО ДОЖИВУВАЊЕ

Најмалиот  континент на оваа Земјина топка е полн со контрасти, со мистериозна флора и фауна, со пустина и бујна вегетација, а обиколен е со водите на Индискиот Океан- тој kонтинент е Австралија.  

 

Помислата само дека постојат анонимни убавини во оваа земја во која живеам, предизвикува желба да се видат, запознаат и доживеат. Годишното време, есен, е обоено со шаренило на бои на природата, затоа решивме да го посетиме североисточниот дел на државата Викторија, каде е сместен големиот планински масив наречен ‘Alpine National Park’.

Излегувајќи постепено од бучната динамика на пренаселената метропола Мелбурн, драстично се забележуваат промени: во околината од двете страни на патот се простираат ледини-заградени зелени пасишта со проретчени дрвја, со мали вештачки езерца и со стада домашни животни. Изненадува спокојот, мирот и опуштеноста во оваа привидна дивина. Тоа се пространите, прочуени Австралиски фарми. Сопствениците фармери, го заобиколуваат просторот од повеќе километри со превозно средство.

Патот до целта е неколку часови долг. Но не е заморен, затоа што есенската убавица Природата се потрудила да ја обои околината со разновидни бои. Монотонијата ја разбиваат и малите населби, обележени со свое обележје на градба и вегетација.      

Сместувањето беше во малото живописно гратче Harrietville, во близина на врвот на планинскиот масив. Во зимскиот период овој регион е туристички ски центар, во Викторија, кога Масивот е покриен со снег. Во падините на планинскиот Масив се простираат населби, кои од височина гледано делуваат како грст расфрлени објекти.

Воодушевени од кристално чистиот воздух и од обоената вегетација, се претопивме во опојот и мирот на околината. Посебно бев восхитена од погледот кон разновидните извишени дрвја: бреза, бор, елка, топола, палма и други видови непознати за мене, а сите нив ги надвишува гордиот домашен еукалиптус-живеалиштето на малите мечиња Коалите.
  На места шумата е густа, непреодна за човечка нога. А дрвјата како по договор се допираат, се преплетуваат, се потпираат во прегратка, ги вкрстосуваат гранките и пак секое останува на свое тло и свој корен. Заеднички ги доживуваат временските промени. Моментно се обвиени во есенско жолто, црвено зелен колорит.
             

Размислувам како дрвјата тука немаат предрасуди, меѓусебна нетрпеливост, завидливост и злоба.
               

Посебна убавина и впечаток доживеавме во полноќното бавно возење по патеката меѓу густата шума. Глетка која не може да се доживее во населба. Во темната ноќна темнина, под надвисен мрачен небесен свод, за миг започнуваа една по една да се палат мали блeскави светла-ѕвездички, и наеднаш целиот небесен покрив заблeска со многубројни светилки, во чија средина се простираше раскошно Млечниот ѕвезден пат.

Тишината на прекрасниот амбиент ја разбиваше повикот на една Утка, а млaдиот уплашен Елен не поздрави препречувајќи ни го патот.
 

Возбудливи и мистериозни убавини има на секаде низ светот, само треба за да се откријат, да се направи првиот чекор.

Од убавините на Австралија за куларт.мк, пишува Гордана Стаматова

Фото галерија Гордана Стаматова

Clip 02 – Harrietville

 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.