Охридско лето 2019 – Вечери со изложби, концерти и претстави

Денеска на Прес конференцијата  ќе биде најавен концертот што е планиран за утревечер во рамките на Охридско лето, со големите уметници од Србија, виртуозот на виолина Стефан Миленковиќ и пијанистот Владимир Милошевиќ, во рамките на музичката програма на фестивалот „Охридско лето”.

Во рамки на дополнителната ликовна програма на Охридско лето се отвори изложбата на фотографии со тема „Кина во моите очи“ организирана во соработка со Амбасадата на Народна Република Кина во Република Македонија и Општина Охрид. Годинава се навршуваат 70 години од државноста на Кина и по тој повод, Амбасадата на Н. Р. Кина во Република Македонија, ја организираа оваа фотографска поставка на која учествуваат сите граѓани кои ја имаат посетено Кина.

Во рамките на дополнителната програма на фестивалот отворена е и изложбата на слики од Стефан Хаџи-Николов.

Ова е  77-ма самостојна изложба на Хаџи-Николов и осма во Охрид со што, сликарот  го одбележува тридецениското присуство на охридската ликовна сцена. Претставени се 40 слики од три творечки циклуси на авторот: знаменитостите на Охрид, дела со фигуративна тема и слики од циклусот „Пејзажи на душата“.

Изложбата на големиот сликар Стефан Хаџи-Николов што „Охридско лето“ ја организира во соработка со Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј од Охрид,  ќе биде достапна за љубителите на уметноста во Куќата на Робевци до 31 јули.

Музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ , понуди интересни концерти. Вчеравечер од 21 часот во црквата „Света Софија“  концерт одржа ансамблот „Дорико“ од Италија кој на публиката и приреди Омаж на Георг Фридрих Хендл.

Настапија тенорот Раул Хернандез, Даниела Нуцоли -мецосопран и виолина, Клодиана Бабо на барокна виолина, Франческо Алесандро де Феличе на виолончело и Џованимариа Перучи на чембало.

Ансамблот „Дорико“ е група музичари што настапува на барокни инструменти почитувајќи ги историските практики на интерпретација. Членовите на овој состав свиреле во некои од најзначајните оркестри посветени на стара музика како: „Џардино Армонико“, „Еуропа Галанте“, „Талент Лирик“, „Академија Бизантина“ и се посветени на популаризација на ваков тип музика како и на откривања дела од ваков репертоар. Настапувале на голем број интернационални и национални фестивали.

Музичката програма на фестивалот „Охридско лето“  во црквата „Света Софија“ донесе концерт на Камерниот оркестар Софиски солисти  од Бугарија кој настапи под диригентската палка на маестро Георги Патриков.

Солист на вечерта беше познатиот македонски флејтист Страшо Темков кој вели дека првпат настапува со овој реномиран камерен состав.

-„Охридско лето“ е нашиот најпрестижен фестивал, гордост на државата. Мене ми претставува посебна чест секој настап на фестивалот. Годинава пак, ја имам честа да настапам со еден од најреномираните камерни оркестри на Балканот, па и пошироко, Софиски солисти. Што се однесува до репертоарот со кој настапивме, можам да кажам дека се работи за летна програма со која сакавме да ја релаксираме публиката од секојдневието.

Публиката уживаше во Античката свита на композиторот Џон Рутер, во моцартовото Диовертименто за гудачи, во Едноставната симфонија на Бенџамин Бритн, во Серенадата од Антонин Дрворжак, а извонредните музичари ја доловија и композицијата Македонско капричо од Драган Шуплевски.

Уникатниот руски квартет „Терем“ гостуваше на фестивалот „Охридско лето“ збогатувајќи ја музичката програма со целовечерен концерт што се одржа во црквата „Света Софија“.

Овој ансамбл го сочинуваат нацоналните уметници на Русија Андреј Константинов-сопран домбра и Андреј Смирнов- бајан/ хармоника, како и Алексеј Барсчев –алт домбра и Владимир Кудрјавчев- контрабас.

Репертоарот на ансамблот се состои од повеќе од 500 композиции, оригинални транскрипции, парадоксални фантазии инспирирани од популарни теми од класичната и современа музика, како и фолклор, џез и музика од филм. 

„Каде е пиштолот“ – претстава за човечката дуална природа, беше претстава во драмскиот дел на фестивалот за овој викенд. Тоа е Модерна приказна со силна егзистенцијалистичка позадина   на текст од Габор Ѓореј, унгарски писател,драматург и режисер,  а во режија на Дејана Николовска што ја одигра Народниот театар од Охрид на фестивалот „Охридско лето“.

Охридските актери Горан Стојаноски, Никола Тодороски, Адријана Билаловиќ Тодороска, Ивица Цонев и Стрезо Стаматовски на мошне сатиричен начин ја доловија човечката дуална природа играјќи помеѓу позициите на репресор и потчинет низ петте ликови коишто го носат дејството.

Во затворениот простор на сцената, четворица луѓе седеа, а петтиот вперуваше пиштол во нив и не ги пушташе да излезат од собата. Целот време додека траеше дејството четири ликови ја посакуваа слободата, не чувствувајќи се добро внатре, а петтиот, оној којшто го имаше пиштолот уживаше во тоа да ги држи како заложници. Пиштолот беше извор на сите проблеми.

 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.